03.08.10
Купувајте коли, банкрот сме – мислење 128
Утрински весник,
30 јануари 2010
Мислење 128
Купувајте коли, банкрот сме
____________
Незнам за вас, но јас се сомневам дека владата е искрена и филантропски расположена, кога се работи за дозволувањето да се увезуваат стари и скапани автомобили. Верувам веќе знаете дека ќе се дозволува увоз стари возила, постари од 10 години и со еколошки стандарди од овој што сега е на сила во нашата држава. Велам дека верувам оти веќе знаете за одлуката затоа што пулените на власта се пуштија на терен да ја објаснуваат како нешто најдобро што можело да ни се случи. Па така го видовме „возачот“ Влатко Ѓорчев во „јади бурек“ како обилно објаснува дека народот требало да се вози во автомобили, наместо да чека по пола сат автобус. Мммм. Навистина интересно објаснување, кое се обидува кај нас да остави впечаток дека власта толку многу го љуби овој народ па е подготвена за него да ги спушти еколошките стандарди. Има да се гушиме, но народот ќе се вози во голфови, кои според премиерот не биле крш. Убеден сум дека ако продолжи притисокот кон него, по оваа најнова пропагандна финта, тој ќе се качи на некој ден и во голф кец. Рејтинг си е рејтинг. Се покажа дека без тоа не се може…
Но, дозволете да се вратам на генијалните пројави на Влатко. Оти тој е пратеникот кој што мора да брани се и сешто. Има барем неколку приговори кои легитимно може да се дадат, само ако малку размислувате на тема. Прво, околу транспортот. Да се потсетиме дека неговата партија е на власт 4 години, и дека во меѓувреме им пропаѓаат обидите да купат автобуси по неверојтни цени. Имено, цените кои беа во оптек, и за среќа јавноста се побуни, беа како државата да купува ескадрила од авиони. Ама малку фалеше и тоа да помине. Значи автобусите се такви какви што се, државата требаше да го решава тој проблем и според минатото време на власт, слободно можеме да заклучиме дека љубовта и филантропството не се дел од арсеналот на таа гарнитура.
Натаму, дали владеачката екипица се запрашала зошто народот се вози во автобуси, а не со коли? Според мизерноста на аргументите кои се понудени како објаснување на мерката зошто се дозволува увоз на стари возила, очигледно е дека се повеќе се губат и немаат допир со реалноста. Автобуска карта чини помеѓу 25 и 30 денари, зависно со каков автобус се возите. Тоа значи дека ако два пати дневно се одвезете во центарот на градот, по работа или за забава, ќе потрошите околу 100 денари. Додека пак ако живеете во Скопје, на да речеме 7 километри од центарот на градот, со две возења дневно ќе поминете најмалку 30 километи во вашето возило. Она истото што сега ќе сте го купеле затоа што владата овозможила да го направите тоа. Ако вашето ново, а старо возило троши 10 литри на сто километри излегува следната математика. Километар „возење“ ве чини 6 денари. Тоа значи дека ако денеска поминете само 30 километри ќе потрошите 180 денари за бензин. Ако посакате притоа да се паркирате во центарот на градот, ќе платите уште најмалку 100 денари. Тоа веќе сега е скоро три пати повеќе од онаа цената која ја имате за возење во автобус. Но, тоа не е се. Имате обврска да го регистрирате вашето возило. Тоа „задоволство“ ќе ве чини годишно околу 150 евра. Зборувам за сите давачки. Може да биде и повеќе, ама еве ќе земеме некоја средна вредност. Тоа се плус 30 денари дневно врз претходно израчунатите. Вкупно, најмалку 300 денари. Да речеме дека два пати годишно ќе отидете во Охрид со вашата нова – стара кола. Тоа се околу 1000 километри екстра, односно над веќе предвидените средства за трошење. Односно додадете плус 100 евра за таа пригода. Сумирано, вашето ново возило, на ниво на година, ако го возите строго дисциплинирано, ако не се движите подалеку од центар, ако не идете по гости во други делови од градот, ако не идете никогаш во источна Македонија ќе ве чини само 110.000 денари. Или народски кажано, околу 2.000 евра. Значи сте купиле автомобил за 2 илјади евра. Радосни сте. Но за да го возите, подгответе си уште толку на ниво на година.
Не верувам дека народот наш, кој има чувство за калкулација овие работи не ги знае. Посебно оној кој се определил да се вози со автобус. И сигурен сум дека не се возат во автобус од мерак, туку од немајкаде. Ако имаат просечна плата од 300 евра, на ниво на година, ќе треба само за бензин да потрошат околу 60 проценти од платата. А да потсетам, има многумина кои работат и за помалку пари од тоа.
Од друга страна, ако вие потрошите 2 илјади евра годишно на вашата нова кола, владата од тоа ќе добие најмалку илјада евра. Оти давачките кои таа од бензинот ги зема се околу 50 проценти по литар. Да претпоставиме дека 100 илади коли ќе се купат по оваа основа. Тоа се нови 100 милиони евра од кои владата ќе има нов прилив од најмалку половина од тие пари. Има само еден проблем во ваквите пресметки. Народот нема пари.
Па можеби затоа на Влатко му се испушти, несакајки, дека возењето на коли било добро за економијата. Се сложувам. Посебно за една банкрот економија, која нема пари да скрпи за повеќе слоеви на граѓани, на кои е должна навремено да им исплаќа. Па ако сега, всушност со една агресивна пропаганда, се убедат граѓаните дека треба да возат, наместо да користат автобуси, можеби ќе се продолжи агонијата за некое време. Велам агонија, оти нивното владеење и за нив е тоа. Посебно за економскиот тим, кој знае дека работата е „врвка“, а притоа мораат да глумат ладнокрвност и да лажат дека се е во ред. Ден за ден. Прибери даноци од фирми, ако треба и насила и дај плати на администрацијата која што ништо не работи. А некои и дома си седат. За мир во куќата.
Да ја потсетам владеачката гарнитура за уште нешто. Сега кога и Косово има повисоки еколошки стандарди во однос на нас, по прашањата на бензинот, како мислат да не убедат дека ги интересира животната средина? Секако дека апологетите можат да одговорат дека се работи за интерес на граѓаните и тоа е пред се. Погоре ми се чини дека покажав во што се состои интересот. Пред една година уништија цела гранка од индустријата – пластичната. Со изговор дека станува збор за кампања за заштита на животната средина. А истовремено на ОКТА не смеат да и писнат за горивото кое ни го продава. Нели ви е чудно тоа? Што ли би можело да е причината. Дај боже наскоро да се открие.
Дечкиве од коморите кои купувале нови одела од радост што ќе го виделе премиерот на доручек, се интересна појава за анализа. Или да ве оставам сами да си анализирате и да се чудите?
Филип Петровски
Доктор по политички науки
http://filippetrovski.blog.mk/
