12.29.09

Предавниците да се распнат на плоштад!

Posted in вести, историја, колумни, медиуми, општество tagged , , , at 11:29 am од filippetrovski

Предавниците да се распнат на плоштад!

 

Сакав во овој текст да пишувам за небулозните изјави на министерот за надворешни работи, кој како мало дете си кажува желби. Имено, откако виде како Словенија и Хрватска го решија својот проблем, договарајќи се тој да се препушти на мислење на арбитража, посака, како дете пакетче за Нова година, и ние на ист начин да го решиме проблемот со Грција. Притоа, испуштајќи ги од вид околностите што во нашиот случај довеле до проблемот, како и тоа дека во примерот на Словенија и на Хрватска има сосема поинакви образовни, културолошки и историски претпоставки. Исто така, во тој случај, за да ги смират страстите имаат интерес и големите европски држави, кои преку Австро-Унгарија на тие простори до неодамна и физички биле присутни. Да не зборувам за сосема поинаквата традиција и наследство. Сето тоа го нема на југот на Балканот. Го нема, ниту се насетува како разбирање кај нашите властодршци. Тоа ме води до заклучок дека и ова е само уште една наменски дадена изјава за внатрешна употреба на министерот, за да се продолжи со создавањето привид дека нешто се работи. Иако веќе и малите деца знаат дека надворешната политика ја води премиерот, а оти министерот располага само со сметките и со персоналот во зградата на Министерството. А и нив не ги менаџира со многу разбирање, бидејќи државната ревизија откри и многу незаконски потрошени средства. Како и да е, тој е послушен, прифаќа се’ што му се сервира, оти знае дека вторпат во животот нема да има ваква шанса, без никакви познавања, да води така значајно министерство. 

Меѓутоа, како по обичај, во Македонија се случуваат премногу настани за да може сите макар и да се спомнат во една колумна. Во последно време се’ погласно се зборува за патриоти и за предавници. По се’ изгледа, како што се приближува декември и поради очигледната неможност, несакање на оваа гарнитура на власт да ги реши проблемите за кои е избрана, расте нервозата. Се сеќавате дека минатата година Груевски побара да има чист мандат, зашто му пречеле и го кочеле некои мрачни сили да ги решава проблемите. Народот му поверува, но и некои други спреги се направија и тој доби власт, чиста како солза. Има мнозинство какво што посакуваше, нема никаква опасност по мандатот, има рејтинг до небо, сите го сакаат и сега само останува да ги решава проблемите. Ама, за тоа е потребна храброст. Треба да се има државнички капацитет. Особено не треба да се обрнува внимание на рејтинзите и реално да се пристапува кон работата. Едно е да кажуваш дека работиш, за тоа постојано да го трубиш насекаде, за тоа да спроведуваш крвничко скапи кампањи за перење на мозоците, а сосема друго е да работиш навистина и да ги решаваш проблемите. Убеден сум дека народот, колку и да е зашеметен од сето она што се случува околу него, веќе почнува да ги забележува големите финансиски афери, некомпетентноста на министрите и неспособноста реалните проблеми да се решаваат успешно. 

Како што реков, власта сега повторно ја зголемува листата на предавници. Таа зацртала на народот да му ја префрли одговорноста за својата неспособност да ги решава проблемите кои се пред неа. Колку е лесно така, ние ќе владееме, а вие на референдуми решавајте ги прашањата, па ако си погрешите – ваша е вината, вие така сакавте. Тогаш се поставува прашањето зошто воопшто имаме власт? Нека владее народот. И така не се чувствува дека постои власт, која работи во интерес на граѓаните. Но, власта е слатка. Особено, оваа апсолутната. Се’ е под контрола. Освен, се разбира, слободните луѓе, кои си го користат правото да ја коментираат розовата слика на рајот на земјата, кој се создаде во последните три години на македонските телевизии. 

Коментарот на Керим за начинот на кој треба да се реши проблемот со името, односно изјаснувањето против организирање референдум, предизвика канонада напади од власта. Чудно е таквото реагирање, кое од небо се гледа дека го напишал еден негов поранешен вработен, кој работеше на средување на хартивчиња и списочињата во МПМ. Чудно, затоа што Керим не е ниту партија, ниту опасност за фотелјите на овој естаблишмент. Па, сепак, му се нафрлија. Се спомнуваа костуми, автомобили и слично, што само уште попрецизно го исцрта инквизиторот, односно анонимниот пишувач на повикот за линч. Истиот тој, во занес дека обнародил којзнае какви вистини, неколку дена подоцна се јави со коментар во „Дневник“, да објасни, сега во својство на генерален секретар на партијата, за која до неодамна, со сигурност знам, сметал оти е простачка, да го брани Влатко Ѓорчев, кој, види богати, бил тргнат од пишување колумни во „Дневник“. Е, да, и јас сакам да видам кој е тој што се дрзнал да го „тргне“ Влатко од колумнист, тој бард на македонска колумна! Затоа што Влатко имаше да соопшти толку значајни работи во своите колумни, што со нетрпение го очекуваа сите, од 7 до 77 години, денот кога таа излегуваше. Нешто слично како колумните на Ставрески! 

Шегата настрана, работата станува сериозна, драматична. Списоците на предавници стануваат навистина долги, не им се гледа крајот. Што ќе правиме со толку предавници? Како да ги средиме? Бидејќи ДПМНЕ сега е партија фундирана на железни принципи, кои потсетуваат на нацизам, не е лошо да ги разгледаат плановите за концентрациони логори. Да не’ прочистат некако таму сите нас. Да не’ научат како треба да мислиме. Инаку вака е непријатно. Насекаде не’ има нас кои пишуваме различно од нив. Еден предавник ќе го удриш, сосечеш, веднаш друг се појавува. Само Што ќе си помислиш дека со милиони народни пари дадени за медуимски кампањи си спечалил народна доверба, пак ќе се појави некој неистомисленик. Само што ќе пресметаш дека си успеал конечно на сите да им втераш страв во коски, повторно некој предавник кој со свои пари си купил костум и автомобил, ќе се појави однекаде. 

„Что делает“? Па, просто, излезете со тоа предавници на дуели. Не кријте се. Ајде да продискутираме во живо, без наместени прашања и публика, без Потемкинови села. Да се видиме очи в очи. Без наместени бумбари, буреци и слични евтино купени ликови. Да видиме, да ја убедите јавноста, со чистината на вашата мисла, кој е предавник и зошто. Толку многу ли е тешко тоа? Не е демократија тоа што вие го замислувате, повлекувањето со партиска наредба пред каква било дебата. Напротив. Обратното. 

Предавниците да се распнат на плоштад – мислење 118

12.22.09

косовска девојка во дпмне

Posted in Избори, блогосфера, вести, историја, колумни, култура, образование, општество, политика tagged , , at 12:44 pm од filippetrovski

kosovska devojka

kosovska devojka

косовска девојка во дпмне

има ли потреба нешто повеќе да коментирам. ми се чини дека веќе толку силни се чувствуваат што почнаа да си ја покажуваат агендата, односно намерите.

постот е затворен за коментари поради тоа што цела агенција за млади и спорт е инструментализирана на интернет да пишува хвалоспеви за груевски. исто така, од штабовите со „бесплатниот интернет“ за членовите на дпмне има „хеклери“ кои мораат да одработат за вработувањата… мислам дека секој нормален македонец веќе знае како функционира овој диктаторски режим.

па бидејки немам време да им одговарам, постот е затворен.

САМО КАКО СУГЕСТИЈА, ЗА НОВА ГОДИНА МОЖЕТЕ ВО ШТАБОТ ДА

СИ ЈА ПУШТИТЕ „МАРШ НА ДРИНА“. КЕ ВИ СЕ УКЛОПИ ВО НОВАТА ИКОНОГРАФИЈА.

 

 

можно е со павловиќ и томиќ да ја договориле изведбата, односно сценариото.

бидете слепи и не гледајте што се случува.

само напред дпмне.

12.15.09

Груевски ја одбра првата жртва

Posted in блогосфера, вести, интернет, историја, општество, политика tagged , , , , , , at 1:41 pm од filippetrovski

YouTube Preview Image
Груевски ја одбра првата жртва

12.02.09

книгата го издржа тестот на времето – интервју во теа модерна

Posted in блогосфера, вести, историја, колумни, општество, политика tagged , , , , , , at 1:53 pm од filippetrovski

книгата го издржа тестот на времето – интервју во теа модерна

 

tea1a.jpg

 

tea2a.jpg

ДЕМОНКРАТИЈА / DEMONKRATIJA – мислење 117

Posted in блогосфера, вести, интернет, историја, колумни, општество tagged , , , , , , , , at 1:16 pm од filippetrovski

Оваа недела започнав со нов пристап на Интернет. Ги читам дневните весници, сечам, го одвојувам она што го сметам за релевантно. Потоа ги скенирам исечоците и ги закачувам на Интернет, на мојата страница на „Фејсбук“. Ова го правам зашто знам дека малку се читаат весници, или ако се читаат, тогаш тоа е парцијално, односно се избира некој од нив. Од друга страна, бидејќи со години ги читам сите дневни весници, во предност сум да издвојам нешто полесно, тоа што може да биде интересно и за нашите интернетџии. ДЕМОНКРАТИЈА / DEMONKRATIJA – мислење 117

Откако ќе ги поставам текстовите на „Фејсбук“– отворам расправа. За да се продискутира про и контра тоа што е напишано. Мислам дека суштина на демократијата е да се дискутира, односно да се промислува тоа што ни е пренесено како информација во весниците. Сум забележал дека кај нас се случува обратно, никој не ги доведува во прашање информациите и ако прочитате нешто во весниците, секогаш го земате како сигурна вистина. Често се случува да забележам дека некој изнесува рециклирана информација од весниците како негов став, за кој е подготвен да се бори до крај. Па затоа, за да се доведат во прашање овие поставки, за да се доведеме во состојба на „сомнеж“- што е филозофска категорија, сметав дека е добро да отворам една „агора“ (во овој случај Интернет-плоштад), да создадам на мојот ѕид на нет. 

Како за почеток се решив да издвојам една карикатура од легендарниот Пецко, кој, патем, и мене ме има задевано во неколку наврати. Но, не сум се налутил, туку напротив, сметам дека такви карикатурални, стрипувани објаснувања на нашата политичка и општествена реалност треба да има што повеќе. Некогаш многу полесно се објаснува реалноста со една слика отколку со 1.000 зборови. На карикатурата има десетина ликови кои носат медицински стерилни маски. Првата асоцијација кога ќе ја погледнете карикатурата е дека станува збор за ситуација поврзана со свинскиот грип. Нели, сега тоа е модерно насекаде каде што оваа болест е масовно раширена, да се носат вакви маски. Но, мајсторот Дар-мар луцидно вметнал текст на карикатурата кој нема врска со грипот. Имено, Пецко прашува еден од нацртаните ликови – „а зошто мислиш дека се членови од партијата на власт?“. Тој му одговара – „затоа што не можат да зборуваат“.

Кога го видов ова многу ме интересираше како ќе реагираат луѓето на карикатурата. Ја подигнав на нет. Првата реакција беше „во целост се согласувам со ПЕЦКО“, а следната „АПСОЛУТНА НЕВИСТИНА И ГЛУПОСТ!!!“ (коментарите се пренесени така како што се типкани на нет). Уште на почетокот се подели мислењето, што е сосема нормално. Затоа што секој од нас на различен начин ја доживува реалноста. Е токму тука е поентата на Пецко, која ја сметам за генијална. Имено, кога станува збор за партијата на власт тој прикажува дека членовите не смеат збор да кажат, односно дека за нивното мислење постои блокада, со што апсолутно се согласувам. Сведок сум, а и возрасен човек, дека слободното мислење се супресира во владејачката партија и секој што мисли и најмалку различно, се става на столбот на срамот. Сведок сум дека нема демократија и дека луѓето кои денеска таму ја држат власта, а со тоа и власта во целата држава, односно ја имаат контролата врз нашите животи, немаат ниту трошка капацитет за слободно размислување. Тоа и не е толку чудно, затоа што сите се избирани по „споил“ систем, односно по покани во медиумите се појавиле на интервју во штабот. Интервјуата ги водат некомпетентни и претходно инструирани ликови, со задача најлесно да ги изберат контролабилните кандидати. Пишував јас на оваа тема пред околу една година. Прелистајте ја колумната „Фала ти Влатко“ за да се присетите како си поминав на интервју што го водеше студентот Влатко Ѓорчев. Инаку, на интервјуто отидов за да соберам искуство и информации како се води целиот процес. Па затоа релевантно и по таа основа можам да тврдам. Знаете, јас не сум „смрдлив СДСМ-овец“ кој можат да го денунцираат лесно. Јас им го знам системот однатре. Токму затоа и можам со поголема прецизност да ги лоцирам, односно да ги претставам состојбите. 

Секако, во последните три и нешто години, откако ДПМНЕ е на власт, состојбите драстично се сменија на полошо. Врвот којшто го приграби власта во државата, ја извади маската на благопријатна личност која сака да дојде на власт за да ви ги реши проблемите и си го покажа вистинското лице. Лице на тоталитарно владеење, без право на коментар и мислење, каде што ако напишете и еден ред кој не е на линија на создавање привид на совршенство, вие сте отпишан. Секој обид за каква било демократизација е илузија. Знам дека илјадници членови на ДПМНЕ, вистинските вмровци, се’ уште се надеваат дека ова е само период на слабост, дека партијата не се претворила во Левијатан и дека наскоро ќе стане нормално место за работење и, ако сакате, живеење. Тие се поврзани со партијата со емиции, со години од своите животи, дадени за да се направи нешто подобро. Затоа сега кога гледаат како се менуваат работите, како се создава аждер, не сакаат да поверуваат и се подготвени и лошото да го прифатат. 

Како мала илустрација ќе наведам уште неколку коментари од Интернет. Се разбира поседувам копии кои можат, ако затреба, да ја потврдат веродостојноста. На Т.Т. му напишав – „Сите молчат. Пратениците на ДПМНЕ имаат потпишано бланко-меница, која може да им биде активирана во секој момент, на огромни суми изразени во евра. Токму за да молчат. Не смеат да писнат во парламент. Безгласни букви се.“ На тоа тој ми го напиша следново – „ Види Филип, го знам тоа за мениците. Но, тоа е од една единствена причина, за да не пребегнуваат во други партии и да не прават нови партии. Да не заборават кој таму ги поставил. А што не говорат многу, тоа е партиска стратегија за да може да минат законите, бидејќи ако одговараат на сите глупости на СДСМ, тогаш седниците ќе траат бесконечно…“. Чиста потврда, како солза. 

Ете како се практицира демократија во Македонија. Пратениците (како во карикатурата) се безгласни букви. Тоа го знаат веќе и малите деца. Не смеат ништо да коментираат доколку тоа не им е напишано од врвот. Ова е демократија или демонкратија? Проценете сами. Но, ставете се во контекст на една Англија или Германија, односно тамошните пратеници кои се носители на системот и легитимитетот на државата. Замислете ги како марионети кои се контролирано во секој момент. Затоа е толку силна и значајна карикатурата на Пецко, неговото опишување на реалноста за демократијата во Македонија. 

П.С. Во најмала рака е срамно и бедно она што се случува со бранителите и професионалните војници, односно како се третирани од државата што ја бранеа и ја бранат. За случајот ќе имам посебен текст. 

Шако Полумента – мислење 116

Posted in блогосфера, вести, интернет, колумни, култура, медиуми, општество, политика, пороци tagged , , , , , , , , , , , , at 1:04 pm од filippetrovski

Шако Полумента (или како се пере мозокот)

Можеби нема да ви се допадне, однапред се извинувам, но морам овој текст да го почнам со критика на наглиот и неконтролиран наплив на турбофолкот, кичот и шундот од север. Како внимателно испланирана инвазија, започнаа „на кило“ да ни доаѓаат разни Џенани, Шаки Полументи… Она што го слушам како оправдание е дека тоа било лукративно, на тој начин се заработувало повеќе, односно на таа музика (ако е музика?!) се пиело повеќе. Па, затоа газдите можеле да се надеваат на подобар економски резултат. А, всушност, кога тоа е во прашање, не требало да се има скрупули од никаков вид. Еднаш вака дадено објаснувањето отвора врати за цело Скопје да биде излепено со плакати. Насекаде билбордите ни го покажуваат некојси Шако Полумента како ни се смешка. Веројатно затоа што ќе допатува во Скопје. Морав да го сликам, додека чекав зелено светло на семафор, за да разгледам детално за што станува збор. Зад Шако на огромните билборди се смешка разголена девојка, која ве гледа во врвот на очите. Веројатно сака да ви каже дека ќе можете и неа да ја видите ако отидете да го погледнете Шако. 

Тоа е повеќе од видливо испланирано играње со инстинктите на потсвесно ниво, се разбира, ако сакате да видите. Се очекува публиката да реагира анимално, да збесне, што само по себе исклучува резонирање и контрола. А, како што кажавме, ако нема контрола, нема ниту штедење. Ако не го слушате Шако, ќе можете да ги гледате облините на неговата придружба. Значи, ќе имате можност да се задоволите. На овој или оној начин. И не е само Шако. Се појавија флаери што ви ја планираат целата недела. Ако не го погледате Шако, можете да го слушнете Џенан или некој сличен. Во време кога Србија прави напори на државно ниво конечно да се ослободи од турбофолкот, кога во Белград им се гади од таков тип музика, во Македонија се прогласува целиот правец за врвно достигнување. За жал. Да потсетам, по првото доаѓање на ВМРО на власт, во едни други времиња, на оваа појава и се застана на патот – организирано. Министерот за култура воведе посебни давачки на „продавачите на ѓубре во форма на музика“. Сакаш да настапуваш во Македонија – може. Таксата е 10.000 евра. Тоа за некое време ги одврати нападите од север на ова поле. Секако, дел од јавноста, посебно оној „навлечениот“ на таквите ритми, протестираше. Но, потоа се повлекоа, за сега се’ да се преврти на глава. Затоа можеби не е лошо да се потсети Министерството за култура или некоја друга државна институција дека е потребна заштита на културниот македонски простор. 

Бидејќи се љубители на пропагандата и правењето кампањи за се’ и сешто, еве одлична можност да се направи уште една кампања. Нека му се објасни на народот каква вредност има турбофолкот и нека се обидат да го измијат повторно веќе долги години измиениот мозок, кој е ептен подготвен да ги прима тие вибрации. Еве, ветувам дека таа кампања нема да ја напаѓам, односно ќе ја поддржам нејзината оправданост, па макар да чини и еден милион евра. Што не е далеку од чинењето и на другите кампањи. 

Или работите стојат поинаку? Па, се смета дека е добро „рајата“ да биде поднапиена, распуштена, олабавена, па и издрогирана во време кога ќе се носат значајни одлуки за иднината на државата?! Да не заклучило нашето државно водство дека е добро вниманието да е свртено настрана кога ќе се излезе со предлог за промена на името оти „така морало да биде“? Не сум премногу голем љубител на теориите на заговор, но по неколкугодишното следење на тактот на оваа власт, односно на начинот на кој се донесуваат големите одлуки, морам да кажам дека не е лошо да се имаат и тие теории предвид. Еве само мала илустрација. Околу Македонската енциклопедија се крена таква расправија, со митолошки димензии, па ваква била, па таква била… И, оп, се затвори прашањето за границата со Косово. Додека да се свестиме кој го напишал делот за оној, се размени територија со Косово. Се сеќавам пред некои седум години Љупчо Георгиевски спомена размена на територии и, за среќа, не заврши на клада. Но, малку недостасуваше. Мммм, каде се сега тие критичари, мислам на оние новинари што не завршија како портпароли на разни министерства, окрузи, секции на месни заедници? Каде се сега да проанализираат што се случи со границата. Дали тие воопшто биле новинари? Или биле тезгари што се продаваат за неколку стотици евра. 

Ако се согласите со мене дека се прави намерна замена на тези, тогаш и главниот настан од оваа недела совршено се вклопува во поголемата слика. Имено, како бомба се пушти во јавноста информацијата дека се договорени пензии за борците на ОНА. Разбирливо, реакциите се и повеќе од жестоки. Посебно на оние групи луѓе кои се директно тангирани од овој случај. Мислам на бранителите и на семејствата на загинатите и ранетите во војната во 2001 година. Но, не ќе да е далеку сентиментот и на остатокот на нацијата по ова прашање. Не треба многу надареност за анализа за се сфати каква ќе биде реакцијата по ова прашање, кога ќе и’ се протне „онака случајно“ на јавноста. Господарите на пропагандата сигурно знаат дека атмосферата толку ќе зоврие и сите ќе се насочат про и контра по ова прашање, што безмалку без интерес може да помине се’ друго. 

Деновиве од сите страни расте притисокот да се реши проблемот со името, во пресрет на декемврискиот Совет на министри на Унијата. Јасно е укажано дека само на тој начин Македонија може да се надева на датум за почеток на преговорите. Како што притискаат страниците, така гледам притиска и ДУИ. Тие го мереле времето во милисекунди. Но, премиерот е во незгодна ситуација. Тој неколку години наназад ветува референдум по ова прашање и гради имиџ на последен бранител на името. Како сега да направи „салто мортале“? Како да се префрли на колосекот на кој нема референдум и истовремено да прифати варијанта за промена на името? Навистина сега е тешко да се биде во негова кожа. Иванов се обидува да му олесни, па споменува дека референдумот не е морален. Но, поради агресивната повеќегодишна кампања сега е тешко за волку кратко време да се избрише сеќавањето на ветувањата на премиерот. 

И сега што? Па, просто. Дајте му на народот нека се занимава со пензиите на ОНА. Нека се концентрираат на тоа прашање, за да не се сетат што, всушност, се случува под површината. 

Шако Полумента – мислење 116

ТАЈНОСТ ШТО ЗБУНУВА – мислење 115

Posted in блогосфера, вести, интернет, колумни, општество, политика tagged , , , , , , , , at 12:58 pm од filippetrovski

Бев на концерт на „Зи-Зи топ“. Да го погледнам тој надалеку и одамна познат бенд. За жал, во Македонија бендови од таков калибар обично доаѓаат кога се на залез од својата кариера и кога се доста подостарени, односно кога веќе не се во можност да наполнат поголеми стадиони и да привлечат повеќе публика во европските градови. Инаку, не сме доста атрактивни за моментно познатите групи од таков калибар. Да ме прашува некој мене, би сакал да го видам во Скопје и Ерик Клептон или пак „Еј-Си Ди-Си“… ТАЈНОСТ ШТО ЗБУНУВА – мислење 115

Како и да е, добро е што макар и остарени имавме можност да го видиме „Зи-Зи“. Одлични беа, перфектен звук, опрема и, секако, театрален настап. Познатите движења, чекори и од авион видливи бради. За други не сум сигурен, но убеден сум дека тие неколку илјади луѓе што беа таму за момент заборавија на се’ и доживеаја момент на катарза. Ослободување кое е потребно кога те притиска тешка реалност. Посебно беше јак настапот кога по „Фокси лејди“ на Џими Хендрикс темпото на концертот значително се засили. За така да остане до крај на концертот, вклучително и двата биса. Хммм. Како што ја почнав колумнава, на добар пат сум на „хеклерите“ да не им дадам повод да се активираат со припростите коментари кои се задолжени да ги пишуваат. 

Прв пат бев во салата „Борис Трајковски“ каде што и се одржа концертот. Морам да признам дека одлично ми изгледаше салата. Голема, обоена во национални бои, пространа. Објект кој навистина Скопје треба да го има. Досега не сум бил во салата, и тоа од проста причина. Првата помисла на таа сала ми е поврзана со политика, со политички спектакл, со фалби и китење со перје за да се спечали некој поен поддршка, односно да се зголеми рејтингот. Нормално дека ниедна политичка елита нема да се откаже од можноста да се фали за се’ и сешто, но во оваа пригода сакав да ги задржам правото да укажам дека кај дел од граѓанството може да се создаде одбојност поради таквото однесување. Не дека нешто тоа ќе промени, но, ете, барем нека биде забележано. 

Би било убаво да го имавме како настан помеѓу двете недели, односно двете саботни мислења, само концертот на „Зи-Зи топ“ или, пак, почетокот на Скопскиот џез-фестивал. Тогаш ќе морав да се преориентирам да пишувам критики за музички и културни настани (што воопшто не е лошо). Но, во Македонија, како по обичај, се случуваат купишта настани во само неколку дена. Невозможно е сите да се опфатат во еден текст, а не па да се искоментираат. 

Интересно е да се искоментира, од таа перспектива, договорот за демаркација на границата со Косово, кој помина во двата парламента претходниот викенд. Неверојатна врева се крена во саботата, пискотници, закани, пресови. Просто, сите се збунивме. Никој не знаеше за што станува збор. На дело се покажа уште еднаш капацитетот за „тајна дипломатија“. Сметам дека ова прашање со Косово требаше да се затвори. Можеби и многу порано. Нема потреба да се има кавга со соседите. Но, никако не ми беше јасно зошто одеднаш се силуваше парламентот и целата постапка на итна седница, која е свикана неочекувано за време на викенд. Тоа е прашање на кое треба да се бара одговор. 

Според мене, Владата требаше уредно да не’ информира сите во државава дека по долги и тешки преговори е постигнат договор со Косово за демаркација на граничната линија. Па, да ни објасни зошто се разменети територии. Сигурен сум дека има некое логично објаснување кое може да се одбрани. Претпоставувам дека без таков компромис и не би било возможно да се затвори ова прашање. Верувам дека морало кај Дебалде да се даде дел од територијата поради некои поплаки поврзани со имот, односно тапии за ниви. Убеден сум дека затоа на Шара, пак, Македонија затоа добила компензација во приближно ист размер. Колку и да изгледа ова спорно, сепак, Владата имаше обврска да го објасни на народот и да ја спушти тензијата на разумно ниво. 

Не ми е јасно како се водат беспоштедни кампањи од типот „Ти си Македонија“, „Запиши се во средно школо за да не бидеш казнет 1.000 евра“ или „Многудетно семејство“, односно „Пушењето е штетно“, а не се води кампања која може да ги разјасни недоразбирањата. Од проста причина што на јавноста во овој случај не и’ беше јасно за што станува збор и со денови шпекулира за разни предавства и напуштања на претходно на широко рекламирани ставови за големина и античност. 

Појавувањето на трилингот од амбасадори во македонскиот парламент во време кога се протнуваше Договорот беше протолкувано дека тие стојат зад Договорот. Се сложувате? Јас се сложувам, особено ако се знае дека прашањето на Договорот за границата во 2001 година е неразделно поврзано со избувнувањето на конфликтот. Прелистајте си ги повторно весниците од тоа време. Ќе видите дека само неколку дена од потпишувањето на Договорот помеѓу Трајковски и Коштуница започна ситуацијата на границата кон Косово. Значи, на САД и ЕУ премногу им е важно ова прашање да се адресира соодветно, односно да се затвори! Тие држави се прагматични, тие држави ги затвораат ваквите прашања, за да не се повтори конфликтот. Логично. Уште пологично е на усвојување ваков договор да присуствуваат нивните претставници. 

И веднаш следуваше вчудовидувачко замолчување. Па да, мораме да замолчиме, тука се претставниците на „големите сили“. Без притоа да разбереме дека тие тука мораат да бидат. Без да разбереме дека на финалето е само протокол да се присуствува. Односно дека претходно треба да се уредуваат работите, да се преговара за да се доведат во корелација со националните интереси. За да бидам конзистентен, можеби вака како што се затвори прашањето и е во корелација со националните интереси. Но, не беше објаснето соодветно. А кога се знае дека Владата сака преку кампањи да објасни дури и банални работи, зачудува постапувањето во овој случај.

П.С. Знаете дека се нарушија плановите за создавање идила во Австралија. Колку чини гаснењето на пожарот во Австралија, каде што беа пратени специјалците од пратеничката група на ДПМНЕ со уште две сопартијки? И кој го плати тоа? Зошто да не се направи една кампања, па да се информираме кој колку троши од државните пари за долги и бесполезни прошетки.

На што се радуваме? – мислење 114

Posted in блогосфера, вести, општество, политика tagged , , , , , , , , , , at 12:55 pm од filippetrovski

На што се радуваме? – мислење 114

 

Ете, по толку многу чекање, конечно, се случи и тоа. Добивме позитивен извештај од Европската комисија. Поминаа четири години од кандидатскиот статус до добивањето позитивен извештај. Многу или малку, проценете сами. И така, јас си седам со извештајот на Комисијата пред мене и со купиште весници, односно исечоци од сите дневни весници од последните два дена. Сакав со аналитички пристап да оценам за што станува збор. Секако, имаме право да се радуваме. Конечно, барем нешто навидум позитивно ни се случи. За миг се потсетувам на атмосферата кога пристигна веста дека имаме позитивен извештај. Нашите целосно европски и НАТО-ориентирани и упатени граѓани, веднаш ги извадија знамињата на Европа од под кревет, кои уредно си ги чуваа подолго време за овој ден. Бев затечен – како тоа јас не сум си купил такво знаме. Си мислам, морам да си купам европско и знаме на НАТО, барем кога ќе влеземе таму, да не се чувствувам хендикепирано или недоволно патриот, оти не ги следам трендовите за спонтано собирање и искажување радост. Морам да си купам и американско знаме. Сигурен сум ќе има за што и на Америте да им се заблагодаруваме. А да си купам и руско – за секој случај. Може и кинеско, за да не навредам некого. Море да купам знамиња на сите држави од групата Г-20 за да не згрешам. Ќе си ги ставам под кревет и во секоја пригода ќе бидам подготвен, а не вака, да останам затечен. Да не можам соодветно да се радувам во некоја наредна прилика, поврзана со извештај или прием на Македонија во членство каде било. На што се радуваме? – мислење 114

Шегата настрана, навистина ги разбирам сите македонски граѓани кои спонтано или по партиска наредба се радуваа на извештајот на Европската комисија. Ние сме во таква состојба на измачување кога е во прашање ЕУ, што не е лошо еден ваков момент да се искористи за малку радување. Граѓаните премногу заслужуваат да се порадуваат. Оние „спонтани“ изјави кажаа се’, односно покажаа се’. Колку и да се „нарачани“ или „диригирани“, сепак, имаат и човечка симпатичност, едноставност и автентичност. И во нив не може да биде потисната желбата да и се прати сигнал на Европа дека македонскиот граѓанин, по толку чекање, навистина има желба за подобар живот, слобода на движење, повеќе можности за напредување, бизнис, среќа на своите семејства, просперитет. Па, така, немаме право да им се лутиме на партиските активисти што мораа да ги слушаат штабовите и да се радуваат спонтано, туку да ја извлечеме онаа човечката димензија во нив, за да ја разбереме општата состојба на духот во истормозена Македонија. 

Ако можам да ги разберам граѓаните, тогаш со сигурност не можам да ги разберам политичките елити на власт, кои од се’ сакаат да направат циркус. Нема скромност и посветеност. Наместо да го примиме извештајот со доза на задоволство и веднаш да се посветиме на негово проучување, како и на отстранување на забелешките што се вградени во него, веднаш правиме фестивали и карневали, на кои и Рио де Жанеиро може да ни позавиди. А сигурен сум дека најголемите радости се’ уште не сме ги виделе. Добра можност е ова уште еднаш власта да ги ангажира естрадните ѕвездички, со по некој денар, за да и’ бидат утре на располагање при партиските кампањи. 

И навистина, има ли извештајот забелешки или е одличен? Според начинот на кој Владата го дочека, со ракиички, наздравувања, интервјуа, појавувања во централни вести на ТВ, сликања по ресторани, се чини, станува збор за идеален текст. Да не требаше да се произнесе Европскиот совет околу овој извештај во декември, навистина ќе мислев дека сме добиле датум за преговори, а да не претерувам дека работата со членството на Македонија е само прашање на краток временски интервал! Еден од вознесените славеници пред зградата на Владата ни соопшти дека, според негова процена, очекува до 2012 година веќе да сме полноправна членка на ЕУ. Но, дали е навистина така? Чист ли е извештајот или има и некакви услови за да се започнат долгите и напорни преговори со ЕУ? 

Како да не сакаме да и’ погледнеме на реалноста во очи. Како да не знаеме дека декември само што не дошол. Ми се чини дека со еуфорија се создава еуфорија, за да не се обрне доволно внимание на условите што ги има во извештајот. Меѓутоа, тоа е неодговорно и наредните разочарувања може да бидат горки и тажни. Или, власта игра на картата на некои натамошни опструкции, или на евентуално негативниот став на Советот на министрите на ЕУ – да ја обвини Грција и да се оправда дека сите други критериуми ги исполнила, меѓутоа од црвената линија која ја има ставено во врска со преговорите, нема да отстапи. А, и Грција го изјави истото тоа. И таа нема да отстапи од својата црвена линија. И така двете црвени линии не се допираат во ниедна точка, со таа разлика што Грција има два квалитета повеќе во изминатиот месец. Тоа се – изборот на новата влада на Папандреу и укинувањето на министерството за Македонија и Тракија, како и неприговарањето на препораката, односно на позитивниот извештај за нашата држава. Ова и не е којзнае каква отстапка од Грција, ако се знае дека содржината на отстапките е празна. Секогаш може повторно да се направи истото министерство. Затоа, пак, Грција премногу може да го искористи правото на вето во декември. Но, и не мора. Таа може да го стори тоа и подоцна, односно кога сака, на поглавјата, како и на крајот од преговорите. 

Во дипломатската игра на шах сега на новата влада во Атина и’ е важно да се претстави како расположена за разговор и отстапки. За да се создаде привид дека нешто ново навистина се случува. Со споменатите потези таа создава привид дека е конструктивна исто како што ние со штанцањето закони во последните месеци во парламентот, сакавме да покажеме дека сме ангажирани во процесот на исполнување на условите што ни беа дадени. Од друга страна, и ЕУ сега може полесно да не уценува. Дадена ни е препорака за преговори, покажана е конструктивност, и покрај спорот. Сега, барем надвор од границите на ова медиумски забетонирано „царство на испраните мозоци“ и неупатените познавачи на се’ и сешто, постои слика дека на Македонија и’ се дадени доволно отстапки за да се натера вистински да преговара и да го реши проблемот со името. 

На што се радувавме неделава, односно на што ќе се радуваме во декември, останува да се види. Како што гледам, тим за преговори немаме, но тоа не не спречува да тврдиме дека имаме! Или државното водство знае дека засега нема да ни треба тим за преговори?