09.15.09

Финансиска катастрофа во МНР

Posted in блогосфера, вести, општество, политика tagged , , , , , , , , , at 10:56 am од filippetrovski

 сабота, 12 септември 2009
 
Финансиска катастрофа во МНР
 
Кога минатата седмица пишував за некомпетентноста на министерот за надворешни работи, затоа што тој е насочен кон други работи, не го имав на ум ревизорскиот извештај што се појави деновиве. Меѓутоа, како по обичај, дежурните анонимни викачи (читај: штапски активисти) побрзаа да го денунцираат текстот. Тоа што јас тврдев дека нашиот министер цело време се занимава со вдомување на поблиските и на подалечните роднини, било љубомора. Како што стојат работите во нашето општество, не смее да се критикува нерешавањето на проблемите во областа на надворешните работи од страна на министерот. Во претходната колумна тврдев дека тој дипломатијата им ја препушта на Владата, претседателот, помошниците, пријателите, роднините и за три години не успеа на јавноста да и’ претстави ниту еден сериозен проект. Како по обичај, на тоа нема одговор, бидејќи тој министер на тој начин ја води политиката. Зад паравани, тивко, со кротко лице, пластично насмеан. За да се добие впечаток дека нема сила на мравка да стапне… Тој знае дека е заштитен од силната пропагандна машинерија, која се плаќа со народни пари. Па, затоа и може бесконечно да ја игра улогата на задлабочен и заинтересиран професионалец. Исто така, знае дека со својата беспоговорност и приклонување кон „античкиот македонизам“ ќе си купи наклонетост од својот шеф. Но, поупатените се сеќаваат какви беа неговите ставови пред да стане министер, колку беа промакедонски и зошто беа такви.

Но, наместо да бидам демантиран со некој издржан коментар, всушност, бев потврден во последните седум дена. И тоа од Државниот завод за ревизија. Имено, овој Завод извршил ревизија на МНР за 2008 година за да провери дали финансиските извештаи вистинито и објективно ја искажуваат финансиската положба и активностите на МНР во согласност со законската регулатива и дали државните пари законски и наменски се користеле. Ќе се согласите дека нема побитна работа од законско и наменско трошење на парите што некој друг ги заработува и ги уплатува во вид данок. Се разбира, ова прашање не им го поставувам на партиските апологети, бидејќи за нив се’ е оправдано и дозволено. 

Па, еве дел од тоа што ревизијата го утврдила. Околу 20 милиона денари не се вратени од страна на нашите дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) во буџетот на РМ, што е спротивно на Законот за буџет. Од вкупно 54 наши претставништва, само девет постапиле според инструкциите. Се сеќавате дека министерот Милошоски за потребите на пропагандата казни неколку амбасадори со некој процент од платата. Наводно, проценил дека не се доволно активни. Но, не се сеќаваме дека казнил или, пак, на кој било начин обелоденил дека 45 наши претставништва во странство не постапуваат според Законот за буџет и дека не ги вратиле парите. Уште пострашно е што на тоа не реагирал министерот, кој ако се знае потребата за рејтинг и маркетинг на оваа гарнитура, имал исклучителна можност да се пофали со активност. 

Потоа, на крајот на минатата година е прикажан нереален вишок на приходи од речиси 8,5 милиони евра. Тоа се средства што морало да бидат вратени во буџетот, според законите, но не е постапено така. Ревизијата утврдила дека е можен пристап во електронската база на податоци на сметководството на МНР, дури и по завршувањето на фискалната година. Тоа упростено значи дека секој може, според потреба, да ги менува податоците за да прикаже состојба каква што му одговара. Тоа создало мешање на податоците и неможност хронолошки да се провери како настанале трошоците. Да потсетам, менувањето на податоците во деловните книги е спротивно на Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници. Ревизијата наведува дека и во 2006 година е констатирана истата состојба, но министерот, како одговорно лице, не презел активности за нејзино надминување. А требало да побара од Јавното обвинителство, преку испраќање на извештаите на ревизијата, да отвори истрага, кој е виновен за потрошените пари. 

Просто зачудува фактот дека МНР, огромна државна институција, која троши многу пари, да нема соодветна примена на сметководствени политики и начела. Понатаму, ревизијата не добила доволно докази со кои би се уверила во целосноста и точноста на остварените приходи од конзуларното работење на нашите ДКП. На крајот на минатата година не бил извршен попис на неупотребените налепници и на патните листови (по сериски броеви), поради што не може да се утврди дали сите издадени визи и патни листови се наплатени. Индикативно е неутврдувањето на висината на трошоците при давањето услуги во нашите ДКП. Со тоа им се овозможило на нашите претставништва секое да наплатува според свое наоѓање. Ова е спротивно на упатството за надоместок на трошоците. Бидејќи министерот не ги утврдил трошоците со официјален акт, им оставил отворена врата на амбасадите и на конзулатите да го прават тоа според своја процена. Токму затоа ревизијата утврдила дека таа услуга е наплатувана по различна цена во различни ДКП. И затоа сега не може да се провери што и колку е наплатено кога се издавани визи и патни листови. Сите ДКП, парите што ги собираат, се должни, по завршувањето на месецот, да ги уплатат во буџетот на РМ. Но, и тоа не се правело. Тоа е спротивно на Правилникот за финансиско и материјално работење на ДКП на РМ во странство. Министерот, дури и да е аматер, по три години работа во тоа Министерство мора да ги знае овие работи… Тука ќе застанам поради ограничениот простор, но само за оваа недела. Ќе продолжам идната седмица, затоа што има уште многу материјал во извештајот на ревизијата, кој сметам дека треба да го има на увид македонската јавност.

Интересно е сега да видиме дали Антонио Милошоски е човек од внатрешниот круг на премиерот, како Јанакиески, кому му беше отфрлена оставката дури од Кина, а што ја даде поради катастрофата во Охрид. Ова го велам од едноставна причина што, ако е така, тогаш се’ може да му се прости. Особено трошење државни пари, како и на Миле. Нормално реагирање од страна на премиерот, пак, би било да побара оставка од министерот и да му предложи на обвинителството детаљно испитување на трошењето на парите во МНР, но и како се прикажуваат трошоците во финансиските извештаи. Верувам дека Груевски тоа нема да го направи. Тој ќе ја истолерира некомпетентноста на Милошоски затоа што овој во поголемата игра, за да ја држи фотелјата, ја игра својата улога на безгласна буква. За жал, сето тоа на штета на интересите на Македонија.

мислење 109 – Финансиска катастрофа во МНР

09.13.09

Состојба на другите платформи

Posted in блогосфера tagged , , , , , , at 8:18 pm од filippetrovski

 

Состојба на другите платформи

scribd situacija septemvri 2009.JPG

 

youtube situacija septemvri 2009.JPG

 

како што се гледа, на јутуб одиме на 1 милион погледнати видеа.

а на скрибд, кој е секако поинтелектуална платформа сме над 40 илјади посети на документите кои ги поставив до сега.

09.11.09

Извештај на Ревизија за незаконското работење на МНР

Posted in блогосфера, вести, историја, колумни, медиуми, општество, пари, политика tagged , , , , , , , , , , , , , at 2:50 pm од filippetrovski

Извештај на Ревизија за незаконското работење на МНР

ви го пренесувам извештајот на државната ревизија за незаконското работење на МНР и антонијо милошовски. ако се секавате, во минатата колумна тврдев дека тој нема капацитет да го води тоа министерство и дека се занимава со вработување на роднини (поблиски и подалечни), како и пријатели. 

поради колумната од штабските стаорци бев нападнат дека таа била израз на љубомора. ајде сега да видам коментари, дали и државната ревизија е љубоморна заради нешто на антонијо.

2008_MNR revizija

 

ви најавувам дека утре ке имам и колумна посветена на случајот.

 

п.с. овој извештај го поставувам и на фејсбук, твитер, како и на диг.

09.10.09

Насмејте се!

Posted in блогосфера, вести, култура, локално, сеир, хумор tagged , , , at 9:47 am од filippetrovski

 

кога сте веке некомпетентни, може барем да се насмеете.

osmeh.jpg

 

се шегувам, и малку ги закачам ова штабските активисти… инаку се е во ред. 

супер сме. се си е на место. напредуваме. се развиваме. се намалува невработеноста, мизеријата, сиромаштијата и се слично…

09.05.09

Молчењето не е злато, туку некомпетентност

Posted in блогосфера, вести, кариера, колумни, општество, пари, политика tagged , , , , , , , , , , at 5:49 pm од filippetrovski

Молчењето не е злато, туку некомпетентност

Број 3079  сабота, 05 септември 2009
 
Беше ова седмица исполнета со многу надворешно-политички настани, кои во најмала рака повикуваат на размислување, но и на сериозни анализи. Кај нас, во Македонија, нема обичај да се разгледува серија настани како една целина, туку секој настан се доживува сам за себе. И баш поради оваа наша навика ми се чини дека често ни бега поголемата слика. За да имаме подобар увид како се одвиваат работите, пак, треба да се постапува обратно, односно да се поврзуваат работите во аналитички целини. Тогаш можеме да дадеме и посигурни заклучоци, односно релевантно мислење, кое нема да се базира на недоволен број информации. Јас во оваа пригода ќе понудам четири елементи поврзани со надворешна политика на Македонија. Сметам дека тие јасно го покажуваат курсот, односно работењето на МНР и секако, на министерот. Оценувањето ќе го сториме на крајот од текстот. 

Прво, од страна на српскиот министер за надворешни работи, Јеремиќ, добивме покана за заедничко организирање на Самитот на неврзаните, по повод 50-годишнината од постоењето на оваа организација, која, главно, се поврзува со Тито, Нехру и Насер. Како објаснување, што експресно е прифатено во овдешните кругови, иако официјално Милошоски молчи, се наведува дека тоа е дел од нашата заедничка историја и затоа треба без размислување идејата да се прифати. Меѓутоа, интересно е како заедничките цели и сеќавања се ставаат во преден план кога за тоа имаат потреба нашите северни соседи. А сосема спротивно на тоа, кога треба да се реши некој македонски проблем, како, на пример, оној со СПЦ, сите се оградуваат дека немаат влијание. Се плашам дека Македонија со оваа покана треба да ја одигра улогата на статист и небитна фигура, при одбележувањето на јубилејот. Министерот Јеремиќ ќе одел во Македонија и во Словенија да ја објаснува важноста на настанот, како и да не’ убедува да ја прифатиме иницијативата. Ајде да видиме како ќе го објасни протерувањето на нашиот амбасадор лани. Или за ова, како и за многу други прашања поврзани со северниот сосед (како, на пример, прашањето на МПЦ), ќе остане на сила мораториумот за прашување.

Второ, од страна на Милошоски јавноста беше известена дека Грците ќе ставеле вето на почетокот на преговорите со ЕУ. Тој оценува дека преговорите оделе кон полошо по Самитот на НАТО во Букурешт. Кон тоа не заборави да додаде дека Македонија т.е. тој прави многу за да се реши спорот. Како и дека се очекува нов предлог од страна на Нимиц. Една идилична состојба во која проблем ни е само Грција. Меѓутоа, ова е класично правење алиби, односно збивање на внатрешните редови пред надворешниот непријател. Во случајот, се игра на кратко паметење и на патриотизам. Односно, се очекува дека ако се посочи Грција како виновник, внатре во државата ќе се раат на неодредено време. Дека нема да има критика, затоа што тој што критикува автоматски станува предавник и грчки шпион. Со тоа се сугерира дека ние сме конструктивната страна, која домаќински ги тера работите. Притоа се заборава да се каже зошто сега се прифатливи варијантите за промена на името, кои не беа прифатливи пред Самитот на НАТО во Букурешт. Доколку е точно дека работите се лоши по тој настан, тогаш зошто цело време на нашата јавност и’ се сервира активизам, кој само што не довел до решение. Само едно изгледа како логичен одговор во моментов – наменско однесување за да се скрие сопствената некомпетентност и да се зачува фотелјата. 

Трето, паралелно со конфузијата што намерно се предизвикува во врска со проблемот со Грција, Владата испраќа свој специјален претставник во Брисел за таму да лобирал за нас. Доколку тоа имаше некаква логика пред некое време, кога Владата се натегаше со претседателот, кој не беше од нејзините редови, тоа сега во најмала рака изгледа конфузно. Иако и тогаш не беше логично да се дуплираат задачите, бидејќи министерот може од секој амбасадор да побара извештај и да му наложи како да се однесува во одредени ситуации. Тоа може да го стори и Владата со секој амбасадор. Но, во овој случај не се користи таа можност, туку се дуплира персоналот што го имаме во Брисел. Со тоа индиректно му се укажува недоверба на амбасадорот. Кога е веќе така, чудно е што не се отповикува, зашто партијата сега го има и претседателот, кој за момент може да ја заврши работата. Македонија не е богата држава за да може да удвојува функции, а тоа да го плаќаат даночните обврзници. Затоа на вакви одлуки треба да им претходи посериозна анализа. На јавноста и’ беше дадено образложение дека специјалниот претставник ќе лобирал за позитивен извештај. Мммм! Кога? По неговото објавување? Ако, сепак, требаше да се испрати специјален претставник, тоа требаше да се стори уште на почетокот на годината. И, секако, со јасно утврдени надлежности, за да се спречи јавното наддавање меѓу ДУИ и ДПМНЕ кому ќе му одговара тој претставник, штом ќе се најде во Брисел. Јасно е дека овие подготовки, ако имаше сериозен пристап, требаше да ги направи МНР.

Четврто, нашата држава ја немаше во Гдањск, на одбележување на 70-годишнината од почетокот на Втората светска војна. Причините биле технички. Баш поради тие технички причини пропуштивме шанса да се покажеме како сериозна држава, затоа што светот гледа и повеќе од сериозно на вакви одбележувања. Потсетувајќи се на хоророт од војната, светските лидери имаа можност во Гдањск да се зближат, да разменат по некој збор. Но, Македонија, како по обичај, затоа што ова не е првпат, не присуствува таму. Моментно сме немале амбасадор, па затоа немало кому да му се испрати покана. Бре! А, како дојдоа Милибанд, Меркел и Путин во Гдањск? Тие работат во амбасадите во Полска? 

Не. Тие држави имаат сериозни дипломатии и министри. Тие не се занимаваат, како нашиот министер, со вдомување поблиски и подалечни роднини, во време кога треба да се работи на националните интереси. Во тие држави се практикува за министри да се поставуваат луѓе што немаат егзистенцијални проблеми, кои се школувани за таа работа и кои имаат долгогодишно искуство во таа област. Сето тоа на примерот на нашиот министер е обратно. Тој, место да работи и да решава проблеми на државата, ги решава проблемите на сопственото семејство, преку вработување на сите во МНР. Немањето искуство и, што е поважно, став, го дополнува со молчење. Дипломатијата им ја препушта на Владата, претседателот, помошниците, пријателите, роднините и за три години не успеа на јавноста да и’ претстави ниту еден сериозен проект. Се извинувам, ама одењето по семинари, шетањето на Кабинетот и трошењето илјадници евра за тоа, не е проект.

мислење 108 – Молчењето не е злато, туку НЕКОМПЕТЕНТНОСТ

09.02.09

Како ФОКУС (неделникот) го пратеше одвивањето на протестите во 1997 г.

Posted in блогосфера, вести, историја, колумни, општество, политика at 3:02 pm од filippetrovski

Како ФОКУС (неделникот) го пратеше одвивањето на протестите во 1997 г.

најавувам дека наскоро вакви ПДФ ке подигнам на нет, од сите весници. Се разбира во врска со протестите од 1997 г. Ова заради тоа да се запази историјата на Македонија (понова). 

 

Fokus Za Protestite Vo 1997