Крајот на телевизијата? – мислење 008(11 август 2007)
Во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, на телевизиската сцена се појави МТВ (музичка телевизија, а не нашата национална). Оние што се сеќаваат на тоа време, знаат дека тоа беше прв канал кој целосно емитуваше само музички спотови. И како што тоа обично се случува со секоја новина и со секое излегување надвор од вообичаените догматски канони, по тој повод веднаш се отвори широка и жестока полемика. Тежиштето на бурните дискусии беше дали воопшто е потребно да постои таков тип телевизиски канал. Многумина, а меѓу нив и познати светски групи и поединци, отворено се спротивставија на видеопрезентирањето на својата уметност. Стојалиштата беа дека со музиката не е спојливо и видеото, кое никако не е битен елемент во креацијата на новото…
Скоро во исто време се појави и песната „Видеото ја уби ѕвездата од радиото“ (Video Killed The Radio Star), како дел од кампањата против новиот тренд. И, според насловот, повеќе од јасно е што сакале да кажат изведувачите и како ја доживувале МТВ! Но, и покрај сериозните отпори со кои беше дочекан овој ТВ-канал, тој продолжи да постои. Не само што не беше стопиран туку, напротив, само забрзуваше. За денеска, дваесет и пет години подоцна, да постојат безброј негови локални канали, скоро во сите региони на модерниот свет. Уште позначајно е тоа што денеска веќе се прават ретроспективи и низ документиран пристап се признава револуционерното значење што го оствари МТВ целосно врз музиката и врз нејзината појавност. Како за илустрација, групите и музичарите кои тогаш го препознаа моментот и се префрлија на новите широки и побрзи булевари, денеска (голем дел) се музички имиња со глобално влијание и препознатливост.
Што сакам да кажам со изнесувањето на овој мал дел од поновата музичка историја? Одвреме-навреме се појавуваат револуционерни начини на масовно општење. Тие што бргу ќе ја согледаат нивната предност можат да го забрзаат своето движење во однос на претходната епоха и да останат компетитивни и компатибилни во наредната. Во спротивно, осудени се на останување, подобро кажано, заостанување во трката што не завршува никогаш.
Пред околу две години, во февруари 2005, се појави сајтот YouTube (јутjуб). Неговата диференцијална специфика од стотиците милиони други сајтови беше овозможувањето на секој корисник да подигне свои видеосодржини на Интернет-мрежата. Со едноставно регистрирање, секој заинтересиран добива можност да си отвори свој канал, што ќе го уредува според сопствен терк и вкус. Авторот е во целосна контрола на сето она што го нуди како содржина. Може да додава, коментира, оформува, дотерува се’ што поставил на каналот. Нешто како приватна телевизија, ама без пари. Компаративната предност е тоа што ваквиот канал зрачи дваесет и четири часа, без престанок и без ангажман на други лица, значи без трошоци. Пошироката публика во Македонија може овие информации да ги оцени како неинтересни, бидејќи бројот на активни Интернет корисници е рекордно мал. За да го задржам вниманието, ќе го изнесам фактот дека оваа веб-страница, по една и пол година од постоењето, го купи „Гугл“ за неверојатни 1,7 милијарди (не милиони!) долари. Ми се чини дека поголема верификација на вредноста од онаа што ја одредува слободниот пазар – нема. Откако се продаде за оваа сума, медиумите дополнително ја зголемија фамата за овој сајт. Интересот ја достигна својата кулминација. Сето ова се случуваше пред помалку од една година.
Тогаш во Македонија започнавме срамежливо да дискутираме за тој сајт и за неговото значење. Веб-страницата за видеата со секакви содржини стана дел од чаршиските муабети. И толку. Кај нас секое чудо трае три дена. Меѓутоа, за мене провокацијата беше повеќе од доволна да почнам да го проучувам овој феномен. Затоа отворив мој канал на YouTube. Од куриозитет сакав да видам како ќе се одвиваат работите. Во почетокот имав мака да се снајдам со форматите за постирање, со големината на клиповите, буквално со се’ што ми се испречи на пат. Но, не се предадов. За неколку месеци ги совладав сите пречки, проучив десетина компјутерски програми за правење погодни формати, користев помош од пријатели…
Денеска статистиките на мојот канал се следниве. Досега подигнав 280 кратки видеоматеријали. Тие се со времетраење од околу 1.500 минути, односно повеќе од 24 часа материјал за гледање. Секако, изборот за тоа што ќе подигнам го правев сам, според сопственото сфаќање на филозофијата на еден ваков пристап. До овој момент, кога го пишувам текстот, моите материјали се погледнати 42.000 пати. Тоа е бројка што далеку ги надминува тиражите на многу ТВ, радио и печатени медиуми. Ми се чини дека наскоро влијанието на ваквите начини на информирање ќе доживее експлозија и бројот на посети ќе се зголемува со геометриска прогресија. Ова го базирам на најавата за компјутеризација и масовна едукација на целокупното население, што Владата го објави. Сега за сега кај нас, сепак, само најмладите (под 25 години) ми се чини дека ги користат услугите и предностите на оваа комуникација. Пред некој ден разговарав со еден мој пријател Македонец кој живее во Њујорк. Ми рече дека таму редовно се гледаат содржините што ги има на каналот и, згора на тоа, дека потоа се отвораат дискусии… Влијанието е огромно.
А и нека не е така. Нека сум погрешил целосно. Јас на овој начин се чувствувам слободно. За мене ова практикување на слободата е вистински еликсир. Едноставно, ги прескокнуваме границите (теснината што ја создава нашата заглавеност на Балканот) и стануваме дел од светот. Со ова не ја завршувам темата за Интернетот и за глобалната слобода. Во наредниот текст ќе продолжам со изложување на сознанијата за борбата на пропагандите и новите фронтови што се отворија за сите со овие нови медиуми. Ќе приближам како ние се справуваме и на кои точки најмногу не’ напаѓаат. И уште ќе пишувам за една дебата на Си-Ен-Ен што се одржа помеѓу претседателските кандидати на Демократската партија од САД, која може да се разбере само како показател каде се движат работите со овие трендови.
Нови хоризонти и можности за поединецот – мислење 009(18 август 2007)
Минатата недела пишував за иднината на телевизијата како медиум во однос на Интеренетот и новите видеоканали кои се појавија и кои секој може сам да ги отвори. Изложив некои мои размислувања на оваа тема, која го окупира мојот интерес подолго време. Споредувајќи ги трендовите, поставив дилема – „дали доаѓа крајот на телевизијата“, таква каква што ја познаваме досега. Но, со тој текст не завршив со пишувањето, односно не ја исцрпев докрај темата и размислите. Дел од нив (поради ограниченоста на просторот) ги оставив за овој пат. Тоа ми даде дополнително време за размислување, дискутирање со разни соговорници, согледување на спротивните позиции и ослушнување на критичките тонови на љубителите на закоравеното и догматско перципирање на нештата.
Ако минатата недела, со еден резервиран, објективно и од дистанца поставен интерес, се прашував за иднината на телевизијата и нејзините најнови пандани на Интернетот, оваа недела сакам да навлезам подлабоко во тезите. Сакам, како обичен восприемач, гледач, но и како единка што е во активна корелација со својата околина, да ги искоментирам (секако според мое видување) состојбите на ова поле кај нас. Во тој контекст, ако ја прифатиме како можна тезата за крајот на телевизијата, тогаш во блиска иднина, во Македонија, луѓето ќе бидат ПОСЛОБОДНИ и ПОВЕДРИ.
Своето информирање ќе го базираат и формираат согласно so своите потреби. Моментalно ситуацијата е сосема обратна и ние сме информирани согласно so потребите на другите, односно на тие што имаат моќ (и пари) да ни влезат во главите, но заради нив. Нашите сограѓани самите ќе ги определуваат перспективите и филтрите низ кои информацијата ќе допира до нив. Засега, ситуацијата се’ уште не може да се оцени како задоволителна затоа што масовното користење на Интернет и неговите предности на информирање се во својот зародок. Но, очекувам интересот и волуменот во оваа сфера да растат со геометриска прогресија. Со самото тоа ќе се зголемува слободата на поединецот и процентот на сопственото инволвирање во изборот на информациите. По автоматизам тоа, во исто време, ќе значи и поголема ведрина, па ако сакате и расположение.
Можеби сум нејасен? Мојата позиција ја базирам на денешната состојба, кога се’ уште (кај нас) основниот извор на информирање останува телевизијата. Знаејќи го форматот на нашите телевизии (речиси сите), содржината што секојдневно ја емитуваат, како и сконцентрираноста најмногу на вестите, не е тешко да се види нашиот граѓанин како замрачен и затрупан со лоши информации.
Просечниот Македонец секојдневно во периодот од 17 до 24 часот е седнат пред ТВ-екранот и ги гледа сите можни вести. Само што ќе ги изгледа вестите на една програма, го менува каналот, за да продолжи со истите содржини на другата програма. И така цело попладне, додека да започнат вестите во вечерните термини. Не ретко сум се затекнал самиот себе си како си ветувам дека ќе ги погледнам само уште овие вести, надевајќи се на нешто ново. Попусто. Се случува секогаш спротивното на моите надежи. Затекнати сме среде војна на агитација и пропаганда (агитпроп) која секој центар ја води за себе и своите потреби. Токму затоа, полека, полека, и без да сме свесни стануваме жртва на судирањето на блоковите. Луѓето се тотално зомбифицирани и поделени. Целосно наполнети со негативна енергија и свртени секој против секого. На банални теми демне опасноста од избивање на конфликт, на ниво на потсвесното. Потребно ли е тоа по секоја цена?
Имајќи ги предвид овие моменти (со кои секако секој може и да не се согласи) ја базирам својата концепција на слободата потпрена на новите можности за информирање и самомоделирање кои ни ги нудат Интернетот и видеоканалите. Очекувам приговорите на овие стојалишта да бидат дека Интернетот е недостапен за секого и многу е скап за тенкиот џеб на просечниот Македонец. Тоа, секако, го прифаќам како тажна реалност. На оваа тема треба да поработи државата. Таа по кратка постапка треба да донесе регулатива за целосно либерален пазар. Истовремено, може масовно да го информира граѓанинот и да го насочи неговиот интерес во овој правец. Некои чекори веќе се прават. Да се надеваме дека ќе дадат резултати.
Еве, ќе се изложам на ризик со предлогот што ќе го дадам. Може, на пример, таксата што се плаќа за МТВ да се замени (истите пари) со месечен пакет за пристап на Интернет. Наместо да се фрлаат континуирано и константно парите (огромни средства) во неповрат, секое семејство да добие пакет за Интернет, за своите потреби. Тука ќе застанам со овој предлог, кој е даден само во карикирана форма. Секако дека постои можност за пошироко елаборирање и продлабочување на темата во некоја друга прилика. Ќе се вратам на Интернетот и видеоканалите и на можностите кои ги носат тие.
Новиот глобален тренд многу јасно го согледа и го сфати неговото значење телевизиската мрежа Си-Ен-Ен. Тие пред неколку недели ја организираа првата дебата на претседателските кандидати на Демократската партија, во пресрет на изборите во 2008. Преку Youtube во дебатата секој можеше да го постави своето прашање. Интересно како феномен беше да се проследи дека во тристамилионска држава, секој може да биде во директна врска со можниот иден претседател на САД. Ова дебата е значајна затоа што за во иднина поставува сосема нови стандарди. Сега секој може да контактира, комуницира и пронајде секого. Нема граници. Дури и да не влезе во селекцијата на прашањата, тој своите прашања може да ги постави на својот канал. Доколку се релевантни, тие ќе ја пронајдат својата публика. Ќе зрачат 24 часа на ден, видливи за секого и во секое време, без каква било цензура. Доаѓа времето на поединецот.
Забрзување – мислење 010 (25 август 2007)
Ако ме прашате мене, ова ми е една од најдрагите колумни.
Дваесет години се многу мала отсечка во човековата историја. Не се ни времетраење помеѓу една до друга генерација. Обично се смета дека една генерација трае отприлика 25 до 30 години. А замислете, колку е мала нашата отсечка кога ќе се земат предвид 150 до 200 генерации на нашиот род. Ја користам оваа бројка релативно произволно. Сепак, збирот на годините на сите тие генерации не’ враќа назад во историјата околу 4 до 5 илјади години. До почетокот!
Колку што сум запознаен, некаде во тоа време, односно од тоа време сите религии и мистерични организации започнуваат со организирано сметање на времето. Пред тоа или сме се развивале според моделот на еволуцијата презентиран од Дарвин или можеби според некој модел на вселенска панспермија, потпомогнати од некоја надмоќна цивилизација. Навистина, теоретски гледано, во овој случај тешко се наоѓа забелешка на тврдењата на Даникен, уште потешко на мајсторот Артур Кларк. Ако сте поклоници на рамковно размислување, можете да ја прифатите беспоговорно, која било од овие теории и да бидете сигурни дека таа е издржана. Односно, затворена во свој внатрешен систем таа може да биде целосно логична, со потполно одржливи столбови.
Основната намера со ова мислење, сепак, не е да се претресуваат почетоците и 5-6 илјади години човекова историја. Идејата не е ниту да се обмислуваат големи и долги епохи, иако и тоа е голем предизвик. Намерата ми беше само да се потсетам како беше кога го добив мојот прв компјутер, пред цели дваесет години. Тоа е настанот што е првата котва во мислите, од почетокот на овие редови. Мојот ZX Spectrum. За него штедев со месеци од скромниот џепарлак. Стаса од Германија кога бев на прагот на моето средно образование. Тогаш компјутерите беа вистинска реткост. Многумина од нас прв пат гледавме компјутер. Формата на Спектрумот (под тоа ги подразбирам сите компјутери) беше толку рудиментарна што не се споредува со денешните. Тој настан ми дојде како освојување на некој тежок и значаен светски врв. Нешто што беше тешко достижно… Секако, го користев претежно за играње. За што друго? Не се ни сеќавам дека тогаш постоеја услужни програми освен, се разбира, видеоигри. Мојот занес беше толку голем што се запишав во гимназија која нудеше експериментално компјутерско образование. Се сеќавам учевме за компјутерските програми Cobol и Fortran. Нив денеска никој не ги спомнува. Како да не постоеле…
Од тогаш поминаа дваесет години. Само дваесет години. Таа отсечка во времето се чини дека е најдинамичната и по своето значење го сублимира остатокот од петте илјади години. Работите толку многу се забрзуваат што или навистина сме одбрани да го завладееме просторот и времето (најновите истражувања на полето на аеронаутиката и медицината го потврдуваат тоа), или незадржливо итаме кон крајот на се’, армагедонот (интересно е што коренот на зборот укажува на Македонија – армакедон?!). Низ таа призма, перспективите се темни. Но, простете, јас не сум склон на песимизам и дефетизам. Напротив. Ако се суди според сите показатели, човештвото созрева и оди напред. Развојот е драматичен.
Основна мотивација за опишување на тој развој е желбата да ги превртам тезите на сиво-темното секојдневје и откажувањето од барање подобра перспектива. Знам, таквото мислење е лесна цел за напаѓање, подложно на критикување, па дури и потсмев. Ама ако, што е малку критика и потсмев (па дури и многу критика и потсмев) во однос на восхитувањето (во еден краток момент на концентрација) што се обидуваме на животот да му дадеме смисла. И во некаков фихтеански занес да застанеме пред природните елементи и појави кои се стремат да не’ столчат во дел од секунда. Да застанеме и да кажеме – да, тука сум и не се повлекувам пред патот на усовршувањето, кон усовршувањето, кон тежнеењето за подобро за мене и за сите околу мене, консеквентно истото да се однесува и за целиот свет.
Запаметив еден разговор, пред неколку години, со еден мој драг пријател. Ми рече дека наскоро компјутерите ќе бидат толку малечки што ќе се консумираат наместо таблети. Тие, на клеточно ниво ќе ги поправаат расипаните клетки, односно внатрешноста на телото. Следствено на тоа, животот ќе се продолжел толку долго што ќе сме успеале да избегаме од планетава во бесконечни пространства на слобода. Неверојатно како стојалиште. Зачудувачки. Но, за мене е доволна провокација и секако оправдание за да ја изнесам на увид беше следново мерење. Математички пресметав дека пред дваесет години мојот спектрум имаше меморија (простор за складирање информации) околу 20 илјади пати помалку отколку што денеска има мојот мобилен телефон. Понатаму, мојот мобилен има најмалку 500 пати помалку меморија од мојот денешен компјутер. Математиката е многу проста, само за крајната пресметка помножете 500 со 20 илјади и ќе ја добиете разликата која на тој план се случува за само дваесет години. Згора на тоа, јас при рака ги немам најновите генерации на овие технологии (во моментов најмалку три генерации понапредни технологии постојат од оние што ги користиме во масовна употреба, и се држат во тајност…).
Да завршам. Токму затоа, не се сомневам ниту во најсмелите теории и претпоставки. Едновремено ги презирам догматските, проконзервативни опструкции на тој пат кои секако се мотивирани од потребата за контрола и држење во темница на популацијата. Јас верувам во нас. Ќе успееме.
П.С. Нивото на теоретизирање е намерно моделирано во категориите на општото.
Слобода за Ирак? – мислење 011 (01 септември 2007)
Ги постирам со извесно задоцнување некои од мислењата објавени во Утрински. Некако немав време во претходните недели.
Подолго време претседателот на САД е изложен на огромна критика поради неговата политика за Ирак. Уште од времето на започнувањето на операцијата во 2003 година постојат истите тенденции на опонирање и негирање од присуството во тој дел од светот, а спроведени на тој начин. Да се потсетиме, за да се влезе во судир со тоталитаристичкиот владетел на таа држава, Садам Хусеин, платформата беше оти се подготвува нуклеарно оружје кое може да се искористи во блиска иднина против западната цивилизација. Поттекст беа човековите права и демократијата, односно режимот жестоко се напаѓаше за неговото девијантно однесување кон сопствените граѓани. Истиот тој , ги третираше како поданици и сопственост на државата без никакви права. Општо познато е дека за смирување на Курдите се користени хемиски и биолошки оружја…
Во 2003, кога САД интервенираа во Ирак, се’ уште беа свежи сеќавањата на 11-септемвриските напади врз кулите „Близначки“ во Њујорк. Светот беше занемен од тие случувања кога неколку илјади луѓе беа жртвувани на олтарот на – по секоја цена екстремизмот и радикализмот! Се сеќавам и Собранието на РМ на 17 септември 2001 донесе Декларација со која се осудија тие напади. Еден од предлагачите на таа Декларација бев и јас. Ние имавме во тоа време некои наши, со тероризам подвлечени, македонски „кули близначки“. Навистина не гледам причина, ниту една, за еден таков чин и никаде не пронаоѓам оправдување. Дури и отворено го осудувам. И тогаш и сега.
Затоа во 2003 интервенцијата имаше многу поголема меѓународна поддршка и голем број држави партиципираа во доброволна коалиција за симнување на Садам, како и „инсталирање“ на демократија. Иако ОН беа заобиколени (тоа е проблем кој заслужува посебна анализа). Велам инсталирање, затоа што денеска, нешто повеќе од 4 години потоа, работите не изгледаат розово. Многу држави под притисок на внатрешното јавно мислење се повлекоа од таа коалиција, а тие што остануваат се’ уште се изложени на големи притисоци. Најпластичен е примерот на поранешниот британски премиер Тони Блер, кој од опозицијата па се’ до музичарите беше претставуван како мал пес (познат спот на Џорџ Мајкл) на Буш. Не знам дали тоа пријателство и тврдоглаво опстојување во коалицијата беа пресудни за неговото заминување, но сигурен сум дека имаа огромна тежина во тасовите, кога постојано се мереше дали и кога да си замине.
Со овој текст сакам да промислам за две работи. Прво, за тоа дали е успешна борбата против тероризмот на начин на кој од САД се примени во случајот со Ирак и, второ, да го разгледам прашањето на верските судири, кое како нуспроизвод исплива на површина по паѓањето на Хусеин од власт.
Секоја моќна фигура од типот на американскиот претседател, како и претседатели на други големи држави, се наоѓа пред отворена дилема како да се спротивстави на тероризмот. Се поставува прашање дали треба да се дејствува пост-фестум, откако ќе се справуваш со последиците или да се дејствува превентивно и на самиот извор. Претпоставувам дека можеме да се согласиме дека тој дел од светот, на кој можат да се придодадат Сирија, Палестина, Авганистан, Пакистан, како и Иран, се погодна почва за создавање терористички мрежи. Дел од нив и не се оградуваат од таквиот начин на дејствување, напротив го користат како метод и се закануваат со ескалација. Во тој контекст особено загрижува изјавата на Махмуд Ахмединеџат, претседателот на Иран, дека очекува крај на „окупацијата“ во Ирак и преземање на контролата по настанувањето на безбедносниот вакуум. Од друга страна, секојдневно слушаме за самоубиствени напади, со голем број жртви, на потегот од Израел, преку Ирак, па се’ до Пакистан и Индија. Таму, на тој начин се уредуваат идните односи. Затоа се прашувам дали е можно модерниот свет да се справи со тероризмот од дома и со медуимски акции? Или е потребно да се дејствува таму од каде што извира тој.
Критичарите на Буш не ретко спомнуваат дека за време на Садам барем било мирно во Ирак. Тогаш не доаѓале во преден план религиозните фракциски борби помеѓу сунитите и шиите. А судирите на сунитите и шиитите не се занемарлив проблем. Особено ако се знае дека разликите не се вчерашни, туку имаат своја генеза уште од времето кога починал Мухамед, т.е. 1.300 години наназад, во 632 година од н.е. Просторот не ми дозволува навлегување во подетаљна експликација на разликите и корените на длабоката поделеност помеѓу овие две исламски групи (на тоа ќе посветам посебен текст). Само ќе нотирам дека шиитите се малцинство погледнато глобално, во муслиманскиот свет. Единствено претставуваат мнозинство во Иран и во југозападниот Ирак. Ги има малку и во Авганистан. Додека, пак, сунитите се доминантно мнозинство. Тие се застапени во цела Африка и се протегаат се’ до Индонезија, поврзани нераскинливо во една територијална целина. Ирак е најпогодната држава во целиот потег, кој го населува една милијарда луѓе, за судири помеѓу овие две фракции. Продолжувањето на судирите може да доведе до дестабилизација и на околните држави…
Силната меѓународна кампања против Буш е на праг да успее. Но, што ќе се постигне со повлекувањето на САД од Ирак? Заменик-премиерот на Ирак пред некој ден соопшти дека ако тоа се случи во овој момент, радикалите (како што најавува отворено Ахмединеџат) ќе ја преземат контролата врз тековите. Со „условното“ повлекување на САД од Ирак тероризмот ќе добие во замав. Погрешна е претпоставката дека го предизвикаа САД со својата интервенција. Повеќе сум склон да верувам дека само го извлекоа на виделина и го забрзаа процесот на она што неминовно надоаѓа и не’ чека сите нас. Демонстрацијата на воена надмоќ, од делови на светското мислење, со замена на тези, се претстави како ароганција и неконтролабилност (лабилност!) и на таа линија започна да се гради отпор. На него се возат екстремистите, радикалите. Истите тие, во секој момент можат да ја кренат во воздух секоја европска метропола. Буш е убеден дека може со својата стратегија да ги минимизира влијанијата на екстремистите. Пред воените ветерани во Рено, Невада, тој се повика на минатонеделниот договор помеѓу лидерите на сунитите, шиитите и Курдите, како солидна основа на стратегијата која токму тој тврдоглаво ја спроведува.
Едноставно, не можам да верувам во критиките дека екстремистите биле испровоцирани од американската политика и сега возвраќаат. Светот денеска дефинитивно е со изменет лик. Методите на тие групации и претходно беа исти. Но, со глобализацијата добиваат на знајност. Можат да влезат како информација во сечиј дом. Впрочем, секој од нас си има став за тоа што е подобро: слободен и на праг на демократија Ирак (вклучително религиозните пресметки) или тоталитарен (под водство на Садам) и привидно мирен, каде што луѓето се само бројка на листата на умрените и во лабораториите за експерименти. За мене е поприфатливо првото, со сите огради дека секогаш постојат и други методи и начини како да се спроведе.
Нови цели на терористичката листа – мислење 012 (08 септември 2007)
Ги постирам со извесно задоцнување некои од мислењата објавени во Утрински. Некако немав време во претходните недели.
Денеска е Денот на македонската независност. Сакав со почетокот на ова мислење да го апострофирам тоа. Сметам дека е битно нашите значајни денови да ги истакнуваме во позитивна конотација. Никогаш не е доволно зборување и воспевање на значајните датуми од нашата историја. После се’ што не прави нас – нас! Ваквите моменти кои се сублимирање на напорот и желбите, жртвите, надежите и очекувањата на многу генерации кои не дочекале да го видат слободното македонско небо, се наша карактерна посебност. Треба да ги славиме. Треба да се чувствуваме убаво и секако да се чувствуваме привилегирано што токму ние го имавме касметот на нас и нашата генерација да се прекрши слободата и независноста на Македонија.
Ако секогаш имаме на ум дека нашите стари, со нивните жртви и непокор не’ задолжиле, тогаш немаме зошто да се плашиме. Ценејќи ја нивната жртва, обезбедуваме иднина за нашите поколенија. Работата е проста, кога можеме да и’ помогнеме на татковината, да го сториме тоа. А ако не можеме да помогнеме (објективно, тоа е често така), тогаш барем да не’ отежнуваме. Ете, ова е мое кредо за нашата независност, изложено во кратка и симплифицирана форма. Чувствував за потребно да го истакнам на Денот на независноста.
За овој пат имам тема која излегува од славеничкиот момент и загрижува со својата сериозност. Деновиве светските медиуми јавија за фаќање, пресретнување на две терористички групи. Едната во Германија која се состои од три члена (се бараат уште десетина други), и другата во Данска од осуммина исламистички милитанти. Кај групите е пронајден хидроген пероксид кој, преработен во експлозив, е еквивалентен на петстотини килограми ТНТ. Информациите велат дека овие две групи се поврзани со Ал Каеда. Значајно, за безбедноста на Европа е да се утврди дали овие групи се поврзани. Ако одговорот е потврден, тогаш тоа се сериозни проблеми за безбедноста на континентот. Исто така, значајно е да се утврди дали се координирани и контролирани, како што е соопштено, од страна на Ал Каеда. Тогаш, ако е така, проблемот е уште посериозен. Досега отворена цел на тероризмот беше англосаксонската коалиција. На врвот, секако, беше и е САД. Од разбирливи причини. Таа држава е на чело на антитерористичката коалиција и својата надворешна политика ја базира врз принципите на спротивставување на тероризмот на територијата каде што се создава. Со други зборови, тие интервенираат во државите кои ги сметаат за спонзори на тероризмот.
Веќе сум пишувал за тоа, најпогодни историско-социолошки и секако религиозно се државите на потегот од Мароко до Индонезија (со нужна ограда дека ставот може да се земе и како генерализирање). Да не бидам погрешно разбран, мојот став не е изграден врз основа на уверувања или лични потреби, туку врз основа на статистиките и терористичките настани, односно, врз основа на тоа кој ги спроведува и каква заднина имаат тие.
Новина во случајот на новите групи поврзани со тероризам е тоа што дел од уапсените се родени и живееле целиот свој живот во наведените европски држави. Дел од нив се конвертирани во ислам. Претпоставувам дека за дел од нив учествувањето во подготовка на терористички напади е некакво противење на државата, некаква склоност кон анархичност, или потреба да се побегне од стегите на поредокот. Но, тоа во исто време за државите што се на удар значи поголема опасност за успех на плановите на терористите. Оти многу потешко е да се откријат кога се „бели” (ова земете го со голема моја ограда дека не ги диференцирам луѓето според антрополошките карактеристики). Тие се веќе дел од милјето. Зошто се напаѓа Европа? САД се географски најтешко достижната дестинација и се заштитени со два океана кои се огромна пречка. Потоа, САД предничат далеку пред Европа по биометриската контрола на податоците. И, секако, имаат најлесна работа кога станува збор за контрола на границите. Истовремено, Европа е поврзана тесно со делот на светот кој тренира и извезува терористи. Овој дел од светот има многу поголема податливост за размена на материјал и човечки потенцијал што дополнително им ја олеснува работата на таквите намерници. А на Европа и отежнува.
Да потсетам дека Данска учествува со свои трупи во Ирак и во Авганистан. Затоа е, на некој начин логично, што листата на можни држави за напад е проширена и со неа. Исто така, минатата година, предизвикаа големи протести во целиот муслимански свет карикатурите на Мухамед кои беа објавени во еден дански весник. Но, и Македонија учествува со свои војници во тие држави. Отвора ли тоа за нас некои прашања? Дали ако се проширува листата на држави кои Ал Каеда ќе ги напаѓа и ние можеме да се најдеме на таа листа? Ова ме потсети на неодамнешното гранатирање на зградата на владата… Зголемената ризичност за нашата држава (ако ја има) треба од наша страна јасно да се потенцира пред меѓународната антитерористичка коалиција. Тоа може да биде дополнителен мотив за нашите сојузници да ни ги отворат вратите во НАТО.
Неделава што следува навршуваат шест години од најголемиот терористички напад што се случил некогаш. Нападот на кулите „Близначки“ во Њујорк беше пресвртница во дефинирањето на многу нешта во меѓународната политика. Загинаа над 2.800 луѓе, ни криви ни должни. Во статистиките за овој немил настан се спомнуваат и над 400 илјади њујорчани за кои се верува дека страдаат од пост-трауматски стрес.
Секој терорист ќе ви каже дека верува во праведна цел. Многумина од нив кога извршуваат самоубиствени напади, заминуваат од овој свет со верба дека одат во рајот. Силината на идеологијата или религиозната затруеност кај нив ја брише јасната перцепција дека прават злосторство. Токму во однос на нападите од Њујорк, а подоцна и Лондон и Мадрид, можеме најјасно да го насликаме тероризмот како неприфатлив, иако се повикува или оправдува како борба „за слобода или ослободување” од што и да е. Цивилните жртви, обичните луѓе, кои случајно тој момент се нашле на тоа место, не можат да се оправдаат со никаква цел. Ниту во Њујорк, ниту на кое било друго место.
Заглушувачко молчење – мислење број 13
Ќе започнам со немилите настани во Ваксинце. Трагедијата од селото Ваксинце и убиството на командирот на полициската станица предизвика експресна собраниска седница. Настан со таква тежина и безбедносни последици треба да се расправа во телото кое е највисок демократски форум на нацијата. Суштината на собирањето на претставници на народот на едно место е токму таа, да се слушнат сите мислења, посебно оние кои се разликуваат. Понатаму, можните тензии да се издуваат низ вербален натпревар и (колку-толку) културно и достоинствено разменување на зборови. Над се’, ваква институција претпоставува пласирање на вистинити и издржани тези, ставови… Во реалноста, сосема е спротивно. Дискусијата за терористичкиот напад врз државата заврши како што заврши. Навистина, не знам како да ја дефинирам или коментирам. Секоја помисла на какво било сумирање за работата на Собранието за тој ден е мачна и речиси невозможна.
Деновиве се отвори нова дискусија, за легислативата поврзана со изборите. Првпат радикално ќе се смени изгледот на Собранието и бројот на пратеници од осамостојувањето на Република Македонија. Се преминува од 120 пратеници на 133, што е возможно согласно со Уставот. Политичката прагматичност, од една страна, или политичката опортуност, од друга, на овој нов приод кон работите нема да ги коментирам. Тие не се од најзначаен интерес на овој текст. Нема да ја коментирам ниту расправата која прераснува во расправија со бесконечни дискусии без никаква содржина. Ова од едноставна причина затоа што сметам дека нашиот изборен модел е сосема погрешен и несоодветен на држава која пледира да биде демократска, каде што поединецот ќе го заземе централното место во политичкиот процес.
Моделот што се применува кај нас од изборите 2002 година, според мое мислење, не ја зајакнува позицијата на поединецот и не дозволува да се градат силни личности кои би можеле независно да го носат политичкиот процес. Имено, од таа година Македонија премина кон целосно пропорционален модел при изборот на пратениците. Со таквиот модел се фаворизира доминантната позиција на партиите при изборот на пратениците. Тоа значи дека доволно е да си во добри односи со врвот на која било партија која има добар рејтинг на анкетите и влезот во тој дом да ти е загарантиран. Негативната селекција е дополнително засилена, а зборувам за искуството на нашата држава во неколку изборни циклуси, од комплетната неуреденост на политичкиот простор и немањето демократски закон кој прецизно би ја утврдил процедурата на функционирањето на политичките партии. Има ли некој од нас воопшто идеја како функционираат нашите партии и со колкав демократски капацитет ги опремуваат идните државни функционери? Хипотетички го поставувам прашањето: како можеме да очекуваме да зрачи со морал, интегритет и демократски капацитет личност која морала за да стигне на одредена позиција, да ја практицира максимата – наведната глава сабја не ја сече?! Моите истражувања ме доведуваат до заклучок дека допрва треба да се отвори процедура и да се дискутира отворено во нашето општество како за изборниот модел, така и за донесување закон за партии, кој прецизно би ја уредил демократската поставеност во партиите. Како потврда на моите ставови, ве молам да си го поставите прашањето: на колку пратеници од сегашниот состав им го знаете името. А и малкутемина што им го знаете името, при асоцијација на нив, какво чувство имате? Позитивно? Се сомневам. Сетете се на колку пратеници се сеќавате од претходните четири состави. Хм,а како би можеле.
Досега во нашата држава секогаш се одеше да се поништи се’ од претходно, да се изберат нови и непрепознатливи ликови како би можеле полесно да се контролираат. Форсирањето на овој принцип ја засилува позицијата на врвот на партиите, кои не се оптоварени со никакви правила на игра, а ја ослабнува позиција на поединецот. Тој треба да ја усвои подгрбавеноста за да влезе во игра. Затоа веќе е време да созреат барањата (гласни) од поединецот за свое место во системот, за кој ќе придонесува со интелектуален ангажман, со примена на искуства, консултирани и апсолвирани во макотрпен процес на себеизградување. Нека влезат во партиите и политичките форуми поединци кои подостоинствено можат да го дефинираат целиот простор на политичкото дејствување. Оној што може да победи во својата изборна единица, во своето место на живеење, во својот комшилак затоа што има личен, конкретен, морален и прифатен начин на водење на работите – тој може и на државно ниво да ги помрдне за некој милиметар работите напред. Кога ќе знае дека зад себе ја има довербата на граѓаните, нема да влегува во каков било колективитет, со губење на идентитетот – напротив може секој колектив да го засили со својот интегритет. Консеквентно, и системот може да зајакне и да дејствува интегрирачки, место сегашниот колективистичко-партиски кој дезитегрира.
Да заклучам, потребно е да преминеме на мнозинскиот изборен модел. Секој да се натпреварува во точно утврдена изборна единица, со усогласени бројки на гласачи низ целата држава. Квотата може да се воведе за нашите иселеници, кои редно е и време е да се вградат во политичкиот процес, што само може да ги мотивира дополнително за политички активизам во државите во кои живеат моментално.
П.С. Мал повод за ова размислување (но, никако од пресудно значење) беше препукувањето помеѓу Јани Макрадули (колумнистот погоре) и младиот јастреб Александар Николовски. Првиот трипати во својата реплика кон А.Н. на расправата за случајот „Ваксинце“ ме спомнуваше во сосема невистинит и некоректен контекст (што не му е првпат). Додека вториот во контрарепликата изјави дека не сакал за такви личности да коментира. На првиот не му се лутам. Неговиот начин на изјаснување им е препознатлив на сите – барем во тоа е конзистентен. Дискусиите и пишаните мислења намерно ги спушта под секое ниво. Еве, јас сум тука присутен, и ако сака нека повели да полемизираме за протестите кои му се ептен омилена тема. Што се однесува на вториот, само сакам јавно да прашам дали неговото откажување од мене е личен став, што можам да го разберам. Или, пак, со неговиот настап сакаше да соопшти став на повисоко тело. Мислам дека имам право да бидам информиран официјално каков е мојот статус преку пошта или и мејл, а не на парламентарна седница на Собранието на РМ. Заслужувам толку?
09.18.07
КРИСТОФЕР КОЛУМБО
Денеска во градската библиотека одбележавме годишнина од смртта на Кристофер Колумбо. Отворена е изложба за неговиот живот и достигнувања, во соработка со италијанската амбасада. Ова е скица за животот на овој голем човек која ја прочитав пред сите присутни:
Кристофер Колумбо (1451-1506) е морепловец од Џенова. По татко е Шпанец, а мајка му е Италијанка.
Во служба на Шпанија ја открил Америка (12 октомври 1492 г.) без да знае дека тоа е нов континент. Поаѓајќи од фактот дека Земјата е тркалезна, сметал дека допловил до Индија, па и домородците ги сметал за Индијци. Но, всушност, допливал до бахамскиот остров Сан Салвадор.
Организирал четири експедиции на кои ги открил : I (1492/3) со бродовите „Санта Марија“, „Пинта“ и „Ниња“ и со екипаж од 88 членови – Бахами, Хиспаниола и Куба; II (1493/6) со 17 бродови и со екипаж од 1500 луѓе – Доминика, Гваделуп, Монтсерат, Антигва, Порторико и Јамајка, а на Хиспаниола го основал првиот европски град во Новиот свет, Исабела; III (1498-1500) со шест брода – Тринидад и северниот брег на Јужна Америка ; IV (1502/4) со четири брода и со 150 членови екипаж – Хондурас, Костарика и Панама. Умрел во беда.
И денес официјално се смета за прв Европеец кој стапнал на американско копно.
До средината на 15 век низ Европа се патувало главно заради крајбрежно тргување. Навистина, скандинавските народи редовно пловеле до своите населби на Гренланд, но на тоа му дошло крај пред завршувањето на 13 век. По ова, врските станувале сé понередовни, а во 15 век тие се само повремени, а веројатно имало и некои случајни пловидби по Атлантикот.
Желбата за заработка, а делумно и настојувањетода се заобиколат турските контроли на сите трговски патишта кон богатите земји што ги открил Марко Поло два века пред toa, поттикнале на нови откритија.
Првите успешни патувања долж брегот на Африка биле резултат на енергичната политика на португалскиот принц Енрике Морепловецот. Искуствата од овие патувања допринеле за значајни подобрувања во конструирањето на бродовите кои ја зголемиле нивната носивост и издржливост во тешките услови на пловење на отворените океани.
Португалските морепловци дошле до Ртот Добра надеж уште пред Шпанија да ги започне своите прекуатлански патувања. Објаснувањето за ова се наоѓа во фактот дека Португалија не била оптоварена со проблемот што ја мачел Шпанија – со војната против маварска Гранада. Истата година кога е постигната победа и кога Гранада паднала во шпански раце, средновечен џеновски морепловец тргнал од Палоса на патување кое, со извесни потешкотии, го финансирала шпанската кралица. Тоа бил Кристофор Колумбо.
За Колумбо се верува дека е роден околу 1450 година во Џенова, иако го присвојуваат уште неколку други градови, од мајка Италијанка и татко Шпанец. Бил син на ткаач кој во подоцнежниот свој живот станал доволно богат за да го испрати својот син на комерцијална пловидба.
Патувањата на Колумбо се протегале од Средоземното море до пристаништата на Атлантикот. Се здобил со глас на добар морепловец и имал храброст да се впушти во патување необично одважно за неговото време. Многу добро ги познавал бреговите на Западна Европа, а речиси е сегурно дека со дански бродови пловел дури до Исланд.
Во текот на својот престој на островот Порто Санта блиску Мадере, Колумбо дознал за многу чудната билка и за предметите кои се најдени во море или кои се исфрлени на брегот. Исто така слушнал за чамецот во кој биле телатана двајца темнокожи „Индијанци“ , а кој допловил носен од ветровите од запад, од некој далечен брег на другата страна од Атланскиот океан. Ваквите информации го натерале Колумбо да ја разгледа можноста за понатамошни откривања.
Нов патоказ пронашол во Лисабон каде што се наоѓала мапата што фирентинскиот географ Тосканели ја испратил на својот татко Мартинес, исповедник на португалскиот крал Жоан II. Тосканели докажувал дека, постојат сите причини за претпоставката дека до азискиот континент може да се стигне ако се плови кон запад. Ова се потпирало на теоријата дека Земјата е тркалезна и дека нејзината големина дотогаш се преценувала. Значи, можно било Атланскиот океан да го спојува европското копно со бреговите на Кина, којашто ја посетил Марко Поло.
Колумбо побарал поддршка од португалскиот крал Жоан за истражувачкото патување на запад, но неговата молба е одбиена. Потоа, преку својот брат Бартоломео, се обратил на кралевите на Франција и Британија. Но, и таму без успех.
Кристофер Колумбо, ја напуштил Португалија и во 1484 година заминал во Шпанија.
Во својство на партнер, сопственикот на бродови Мартин Пинсон го поддржал планот на Колумбо. Со тешкотии храбриот морепловец успеал некако да добие прием во шпанскиот двор.
Колумбо го изненадил дворот со своите смели барања – помош во финансирање на патувањето, десеттинка од сите добивки што ќе се остварат со патувањето, племички статус и титула „голем адмирал на океанот“. Овој пат мазно бил одбиен – но, кралски советник, се зборува, влијаел на владетелите да го сменат мислењето давајќи им до знаење што би изгубила земјата ако експедицијата доживее успех со помош на било кој друг монарх. Изабела попуштила; на крајот Колумбо ја имал подршката која што му била потребна.
Биле опремени три брода, Ниња, Пинта и Санта Марија, која била и командниот брод на Колумбо. Исто така, кралицата ослободила извесен број затвореници (робијаши) под услов да служат како морнари во експедицијата.
Поаѓањето на експедицијата од Палоса, со три мали брода, половина час пред разденување во петок, на 3 август 1492 година, бил мачен настан бидејќи малкумина очекувале дека патниците ќе се вратат.
Колумбо најнапред запловил кон југ, кон Канарските острови, од кои сметал дека ќе треба да помине повеќе од 3700 км низ океанот за да стигне до земјата на „Големиот кан од Китај“. Резервите од храна почнале полека да се топат и посадата почнала да се плаши за својата иднина. Морнарите не вложиле ништо свое во таа пловидба и не сакале да го продолжуваат она што мислеле дека е вистинска пропаст. На 10 октомври дошло до пресвртен момент кога Колумбо морал да вети враќање ако за три дена не се појави никакво копно.
За среќа, следното утро забележале гранчиња како пливаат – некои од нив и со лисја – голема маса некакви тревки и едно парче дрво кое очигледно било дел од некоја резбана фигура. Тогаш, таа ноќ, лично Колумбо здогледал светлина. Според неговото ритмичко движење заклучил дека го носи човек на брегот. Утрото, младиот морнар Хуан Родригес де Тријана од бродот Ниња го здогледал копното. На ова острово Колумбо решил да му го даде името Свети Спас – Сан Салвадор.
Во текот на следните три месеци истражувачите пловеле од остров до остров. Како патоказ на Колумбо му служеле единствено патописите на Марко Поло од Азија, и иако „Индијанците“ на кои што наидувал биле со светлотемен тен и со коси очи и права коса, на наишол на некаква напредна цивилизација. Кога бродовите пристигнале на Хаити, а потоа во Куба, Колумбо се надевал дека стигнале во Јапонија (Сипанго од патописот на Марко Поло) , но жителите на овие острови не биле тоа што очекувал тој. Очигледно тоа не биле припадници на Големиот Кан. Нигде немало ниту слонови ниту лавови. Колумбо заклучил дека открил некој дотогаш напознат индиски архипелаг.
Колумбо собрал товар составен од локални реткости, чудесни птици, билки за јадење, резба, златен накит и неколку домородци, најмногу од племето Таина. Назад за Шпанија планирал да тргне во јануари, но враќањето го забрзал кога открил дека Мартин Пинсон веќе отпловил, веројатно со намера откритието да си го припише себеси. Меѓутоа Колумбо бил добар навигатор, и иако Санта Марија била напуштена кога се насукала, Колумбо со своите луѓе и товарот, стигнал со Ниња во Палос на 15 март 1493 година.
Неколку часови подоцна, во покајничко расположение, на бродот Пинта стасал и Пинсон.
По задржувањето во Севиља, каде им напишал долго писмо на Фернанд и Изабела, Колумбо го обиколил шпанскиот брег и ги оставил посадата и Индијанците во Барселона, заради свеченото претставување на кралот и кралицата.
Тој момент за Кристифор Колумбо бил голем личен триумф. Добил повелба за племство, кое му давало право да истакне грб на кој е прикажано лав и замок. Дозволено му било да ја носи титулата „голем адмирал на океанот“ и му била доделена државна рента. Меѓутоа, на негово големо разочарување, не бил наименуван за подкрал на новооткриените земји.
Кога се вратил Колумбо во Шпанија, поднесувајќи многу сиромашен извештај за својот неуспешен обид да стаса до Јапонија или Кина, ја изгубил довербата на дворот и поминале две години пред да му одобрат да исплови повторно. Во 1498 година повторно се упатил на море, овој пат пловејќи по на југ, со намера, како најавил званично, да го пронајде Малачкиот теснец и морскиот пат за Индија.
Наместо тоа, всушност го пронашол Тринидад. потоа тргнал кон југ, минувајќи покрај устието на Оринок. Текот на оваа река бил толку јак што слатката вода се чувствувала и на 50 километри, а колумбо дошол до заклучок дека тоа мора да биде една од рајските реки. Набрзо заклучил дека неможе да плови понатаму, па тргнал кон запад, долж брегот на Венецуела. Потоа, со своите оштетени бродови отпловил во Санто Доминго.
Колумбо сé уште мислел дека треба да биде поставен за подкрал на „Индија“, но сé се вртело против него. На крај големиот пронајдувач е уапсен и во синџири бил испратен во Шпанија. Оптужбата против него гласела: недозволено тргување со злато со домородците.
Во Шпанија кон него се постапувало со повеќе обзири и во 1502 година му дозволиле повторно да го превземе новото патување. На ова последно патување тој поминал покрај Куба и во Хондураскиот залив се сретнал со еден голем чамец во кој имало индијански трговци; тие му ја опишувале земјата на златото на југ и го упатиле кон Костарика, заштитувајќи ги на тој начин сопствените градови на Јукатан од таинствените странци.
Колумбо пловел по брегот на Панама, но бродовите веќе му биле неподобни за пловидба, а и неговото здравје се влошило. Се вратил на Јамајка како знаел и умеел, а потоа отпатувал во Шпанија за да бара помош од кралот, бидејќи неговата заштитничка кралицата Изабела веќе била умрена. Своите последни месеци ги проживеал болен и со скршено срце, а само со неколку пријатели што го посетувале. Умрел на 20 мај 1506 година во Ваљадолид. За неговата молба не се расправало.
За неговите успеси и достигнувањадолго време се воделе дебати, но академците обично се согласуваат дека бил бестрашен и брилијантен навигатор.
На крај дозволете да изнесам уште неколку интересни факти за Колумбо.
тутунот е откритие на Колумбо во 1492; двајца негови морнари го однеле во Европа. Долго време црковната инквизиција го сопирала ширењето на тутунот низ континентот, со изговор дека се работи за вештерство;
се претпостаува дека преку Колумбо Европа се запознава и со каучукот, во 1496 неговите морнари донеле од патувањата топки кои што жителите на Хаити ги користеле како играчки;











